БЕРАТ И КОСАТ НАГРАДИ НА ДРЖАВНО НИВО

СОУ „Орде Чопела“

Успехот е препознатлив знак за учениците и професорите од СОУ „Орде Чопела“. Во текот на учебната 2016/2017 година учениците под менторство на професорите учествуваа на натпреварите за лидер на хемиско – технолошката и земјоделско ветеринарната струка. На натпреварите за лидер на струката во Велес и Куманово во декември 2016 година, ученичката Ружица Петрова освои второ место во хемиско – технолошката струка под менторство на професорките Каролина Боцеска и Јасмина Петреска, а Златко Јованоски освои трето место во профилот техничар за агроменаџмент под менторство на професорката Фанче Богеска Костоска. Антонио Спиркоски беше втор, а Христијан Петрески трет во профилот техничар за фармерско производство под менторство на професор Каме Бошкоски.

СОУ „Орде Чопела”е севкупен победник на 47-миот државен натпревар на земјоделско – ветеринарните училишта минатиот месец во Скопје. Во препознавање на коски и органи кај домашните животни Валентин Илиоски освои прво место под менторство на професорот Златко Димески. Ангела Стомнароска триумфира, освојувајќи го првото место во вешто возење на трактор и орање под менторство на професор Каме Бошкоски.  Трет во органско земјоделско производство беше Никола Костоски под менторство на Сања Јошески. Умешниот калемар Иле Талески се искачи на третото место во калемење на овошки и лози под менторство на професор Панче Паноски.

Традиционално и оваа учебна година учениците и професорите учествуваа на МАССУМ натпреварите, при што за штандот на СОУ „Орде Чопела”  беше доделена првата награда.

Во Пехчево во декември лани на натпреварите за орање организирани од Народна техника, на ученичката Ангела Стомнароска и немаше рамна. Таа го зазеде првото место во категоријата младинки, а Ирена Дивјакоска освои второ место во истата категорија под менторство на професор Каме Бошкоски.

Учениците од СОУ “Орде Чопела” традиционално секоја година учествуваат на Државните натпревари на млади истажувачи, организирани од Народна техника на Македонија. Училиштето им нуди можности на учениците за развивање, практика и истражување во расположивите лаборатории богати со опрема под менторство на предметните професори. На 53-тиот Државен натпревар на млади истражувачи пред две недели во Куманово тројца ученици се закитија со медали. Симона Ѓореска освои трето место во категоријата органска хемија, а нејзината соученичка Марија Спиркоска, исто така, беше трета во аналитичка хемија под менторство на професорките Билјана Апостолоска и Татјана Тасевска. Ученикот од трета година, Игор Јакимовски, се врати со бронзен медал, освојувајќи  го третото место за еколошка хемија под менторство на професорките Јасмина Петреска и Звездана Николоска.

3zenit

Учениците Стефанија Милошеска и Зоран Јованоски учествуваа на двонеделна практична настава и учење во Брага – Португалија, а Кристијан Талимџиоски и Христијан Стојаноски во Сицилија – Италија во рамките на Еразмус + проектот за практично учење. Тие го изразија своето задоволство од можноста да патуваат со авион на долги дистанци, да се дружат со  врсниците од Европа, да вкусат храна автентична за тие региони и да стекната искуство со практичното учење во одличните ветеринарни амбуланти, хортикултурни центри како и фарми со разни земјоделски дејности. Активностите беа под менторство на професорката Ружица Јагуриноска во соработка со Фондацијата Агро Центар за Едукација од Скопје.

2zenit

Од 2 – 8 април се реализира вториот проектен состанок од Еразмус + проектот К219 акција на СОУ “Орде Чопела”насловен “Расплети го минатото, да ја исткеш иднината” (“Unpick your history, weave your future”) градот  Јеси, кај Анкона, Италија. Учествуваа професорите Каролина Дамјаноска (координатор на проектот), Славица Петровска, Рената Ристоска, Роза Николоска и учениците Димитар Стојчески – геодетски техничар – прва година, Ангела Јакимоска – техничар за хортикултура – прва година, Љубица Димкоска – техничар нутриционист – втора година, Христијан Дурљанов – ветеринарен техничар – втора година, Валентин Илиоски – ветеринарен техничар – втора година и Ангела Петровска – техничар по очна оптика – втора година. Учениците се покажаа како многу успешни во активностите од Еразмус+ проектот и зедоа голем број од предвидените награди.

4zenit

Деветтоодделенците го меркаат ,,…Чопела,,              

СОУ „Орде Чопела” нуди традиција и квалитет, широк избор на образовни профили, целосна посветеност на потребите на учениците и одлични просторни и технички услови.

1zenit

Хемиско технолошка струка: прехранбен техничар, техничар – нутриционист, а за учебната 2017/2018 годинаима два нови образовни профили: пекар и месар.

Струка – лични услуги: техничар за очна оптика

Градежно – геодетска струка: геодетски техничар

Земјоделско ветеринарна струка: ветеринарен техничар, техничар за хортикултура, техничар за агроменаџмент, техничар за фармерско производство, градинаро – цвеќар. За учебната 2017/2018 година понудени се два нови образовни профили: полјоделец и ракувач на земјоделска механизација.

За практичната настава во функција се три хемиски лаборатории, училишната пекарница, ветеринарна амбуланта, стакленик, пластеник, кабинет за хортикултура и соодветна опрема за техничарите за очна оптика и геодетските техничари.

Во училиштето функционира кариерен центар за обуки за подготовка на мотивационо писмо, ЦВ, интервју за работа, работилници поврзани со социјално претприемништво. Учениците учествуваат на настани на невладините организации на локално ниво и организираат спортски и културно – забавни активности.

Училиштето соработува со бизнис секторот, овозможувајќи практична настава во компаниите во Прилеп. Практичната подготовка на учениците, соодветните теоретски знаења, стекнати во образованиот процес, овозможуваат идните дипломци да располагаат со поголеми можности за вработување или упис на факултетите.

СОУ „Орде Чопела” Ваш вистински избор! 

Loading