ПРЧИЈА

ivce1Мораме да се вратиме назад во времето кога се вршеше распадот на Југославија. Претседателите на одделните републики одржуваа состаноци. Се селеа од град во град. Водеа жестоки расправи. Во една таква атмосфера, на еден состанок, некој употреби ваква реченица: ,,Није то ничија прчија,,. Се однесуваше тоа на некоја од тогашните републики или за некој дел од нив. Го запаметивме зборот ПРЧИЈА (на српски тој се пишува прќија, но бидејќи нивното ,,ќ,, е позвучно, се слуша прчија) но не го знаевме точното значење. По некоја логика, претпоставуваме дека се мисли на определена сопственост на некоја територија. Како и да е, сметавме дека тоа не е македонски збор и не се обидувавме да го бараме неговото конкретно значење. Дури веќе и заборавивме на тоа.

Неодамна, го слушнавме одново зборот ПРЧИЈА. Овојпат во македонскиот парламент. Извесна пратеничка, во таа жестока расправа (расправија) рече: ,,Македонија не е ничија прчија,,. Ова нé натера да се заинтересираме повеќе за тој збор. Побаравме на повеќе места и најдовме дека зборот ПРЧИЈА (прќија) е српски и значел МИРАЗ. Самиот збор, со својот строеж и со неговата интонација звучи некако необично во нашите уши. Би рекле дури и по малку вулгарно. Не знаеме дали е така и во српскиот јазик.

Значи, од ова произлегува дека пратеничката сакала да каже дека Македонија не му е дадена никому како МИРАЗ, туку дека ни припаѓа на сите подеднакво.

Се прашуваме, дали и е јасно сево ова на односната пратеничка. Дали го употреби овој збор само поради тоа што го слушнала некого и дали знае дека зборот не е наш. Дали знае дека на македонски тој гласи МИРАЗ. А расправата се водеше токму за  тоа, за идентитетот, за јазикот. Понекогаш човек во некои такви бурни искажувања може да згреши па да употреби некој туѓ збор кој често се користи и кај нас. Но случајов не е таков.

Госпоѓо, парламентот е наш. Не е тоа некоја туѓа ПРЧИЈА.                                                                                     

Loading