,,Мариово низ вековите – хроника за три периоди,, од Милан Ристески, е најновата книга што ја издаде и вечерва од 20 часот ќе ја претстави библиотеката ,,Борка Талески,,. Книгата е во редакција на синот на Милан, Драган Ристески, кој вели дека татко му го напишал текстот во три книги во средината на осумдесетите години.
– Татко ми истражуваше во архивите на поранешна Југославија, но и во соседните држави. Голем дел од документите се од индивидуалци. Книгата е плод на обемна истражувачко и теренско собирање на историските податоци за настаните во Мариово во подолг временски период. Хрониката опфаќа три периоди, првиот од потпаѓањето под турска власт до Балканските војни, вториот од 1912 до 1941 година, односно до Втората светска војна и за третиот татко ми запишал дека ,,хрониката не е историја, туку е посебен вид творештво, меѓу литературата и историјата. Хрониката може да послужи за долга трасирана патека по која се проширува и реконструира историјата – забележува во предговорот Драган М. Ристески за книгата, која според него е споменик за сите загинати, настрадани…
Книгата ќе ја промовира Слободан Беличански. Таа е дел од заложбите на Библиотеката за издавање на литература преку која се осветлува минатото на нашиот народ.