ЈАЗИКОТ НАШ НАСУШЕН

ivce1„За нас, повеќе отколку многу други народи во светот, јазикот претставува најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина“.

Така напишал Блаже Конески 7 години пред неговата смрт. И убаво напишал. Но, тој не го напишал тоа само за оние кои однадвор го напаѓаат нашиот јазик. Тоа е аманет за сите нас кои живееме внатре, во нашава држава за која велиме дека премногу ја сакаме. Тоа е аманет за сите нас кои треба убаво да си го знаеме и коректно да го практикуваме. А ние? Што правиме ние? Јазикот не се брани со викање – “Македонија, Македонија и јазикот не го даваме“ ! Тој се брани со неговата точна практична примена.

Нели во Македонија официјален јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Прилегаат ли на кирилско писмо фирмите и натписите во чаршијата? И не само тука!

Телевизиите – ужас! Резил! Еве пример! Слушаме вести на една наша НАЦИОНАЛНА телевизија. Некоја градежна фирма, ја оштетила гасоводната цевка. И еве што слушнавме. Работниците работеле со определена дупчалка. И така дупчејќи ја пробушиле гасоводната цевка. Замислете, со ДУПЧАЛКАТА ја ПРОБУШИЛЕ цевката. А тоа, дека цевката била пробушена го чувме од повеќе телевизии. Каде се лекторите? Што работат тие? Со дупчалката може да се продупчи, а не да се пробуши. Глаголот БУШИ не постои во нашиот јазик. За жал, го упоребуваат мнозина, но на телевизија не смее.

Во една телевизиска емисија, седат на маса и разговараат двајца осведочени патриоти. Ќе им ги споменеме и имињата – Миленко Неделковски и Драган Павловиќ – Латас. Тема – Македонија, јазикот, идентитетот. Барем еднаш да слушневме некој да речеше – ЈАС, а тие упорно – ЈА. ЈА мислам, ЈА велам и така натаму. А така велат и најголемиот број политичари и интелектуалци.

Пред некое време Миленко ни соопшти дека некои руски документи стоеле на столот од Трамп. Немој така бе, Миленко! Па ќе ги наседне човекот! А ти зар уште не разбра дека српскиот збор СТОЛ на македонски гласи – маса. Документите стојат на МАСАТА, а не на СТОЛОТ.

Одиме понатаму. Се одржувал некаков натпревар меѓу ловџиите. Не ни се јасни тие работи. Но го слушаме разговорот по завршувањето на натпреварот. Се појавува извесен претставник од организаторите. Им упатува честитки и дава карактеристика што е тоа добар ловец: “Добар ловец е оној кој може да оцени даљина”. Ловецот треба да може да ја оцени оддалеченоста на животното кое треба да биде отстрелано. Но, ете, човекот вели ДАЉИНА. Веројатно тоа му звучи некако поубаво, покултурно. Не веруваме дека не слушнал досега за зборот ДАЛЕЧИНА.

Јубилејна изведба на шоуто „Златна бубамара“. Објаснува новинарката. Оваа година мотото ќе бидело „Нека биде што биде“. Го повторува тоа многупати. За среќа, во разговорот со организаторот, тој вели – „Нека биде што ќе биде“ (како што треба), а не „Нека биде што биде“. Нелогично. Буквален превод на српското „Нека буде шта буде“. А кај нас се пее и песна од познат пејач :

„Мајко моја роди ме,

уште еднаш после се,

мајко моја роди ме,

нека биде што биде“.

Докторката пишува рецепти. Ја објаснува дијагнозата. Станувало збор за ГЛИВИЦИ кои можеле да предизвикаат СМЕТЊИ. Ова не сме го чуле само `од односната докторка. Уште не научија дека во нашиот јазик ГЛИВИЦИТЕ се ГАБИЧКИ. а СМЕТЊИТЕ – ПРЕЧКИ.

Ете така! Но, јазикот не го даваме и ќе го браниме! Па, „Нека биде што биде“.

Loading