АТМОСФЕРА УБАВА, ПРОБИ ЛЕСНИ, АКТИВЕН ЖИВОТ

Коле Ангеловски  – 35 годинина прилепската театарска сцена

Kole Angelovski - 35 godini na   prilepskata scena Театарот „Војдан Чернодрински“, е горд на долгогодишната и плодна соработка со еден од најголемите македонски режисери – Коле Ангеловски.  Иако за своето творештво во областа на културата Ангеловски е добитник на многубројни награди и признанија, сепак можеби најзначајно одличје за неговите претстави се преполните сали, како и громогласните аплаузи, задоволната публика и фактот што секогаш се бара билет повеќе, дури и по многу изведби.  Ова особено важи за нашата публика којашто секогаш со радост и нетрпение ги дочекува неговите претстави. Долгогодишната соработка меѓу Ангеловски и театарот ,,Војдан Чернодрински,, досега резултираше со 26 претстави. Претставите од Ангеловски доживеале 912 изведби и постигнале импозантна бројка од над 200 илјади гледачи.

Неговите почетоци во Прилеп се со претставата ,,Да живее амамот од Ризаов и Брагуински,,, што имала 32 изведби, а ја гледале 6500 гледачи. Потоа се редат и другите, но најмногу  биле ,,Солунски патрдии,, и ,,Од кол на кол,, над сто. Последната премиера е ,,Ништо без Трифолио,, од Русомир Богдановски.

Ангеловски вели дека секогаш уживал во работата во внатрешноста, особено во нашиот театар.

– Каква атмосфера има тука. Треба да се сними филм за атмосферата, за мирисот, за животот. Иако цел живот мечтаев да направам претстава која технички ќе ја реализирам како што ќе ја замислам, главно работев во зданија кои беа пред распаѓање, со минимални технички можности. Но, уживав дури и кога ќе ја почувствував прашината, мемлата, провевот, кога ќе поминев низ ходниците, гардеробите, чудните простори наречени мала сцена, без греење, со три рефлектори и два звучника. Но со многу театарска атмосфера и со луѓе кои си го сакаа театарот и кои беа убедени дека еден ден ќе дочекаат да влезат во нов театар… Некои и дочекаа пензија – вели тој.

Најмногу претстави по Драмскиот театар имал во Прилеп.

– Овде најдобро се чувствувам. Иако театарот е стар, речиси руина, има многу театарско во него. Претставите се најгледани. ,,Солунски патрдии,, го држеше рекордот долго време со сто изведби. Бевме и на неколку фестивали. Освоивме и награди, луѓето се пријатни и супер за работа. Почнав со ,,Амамот.., со директорот Благоја Ивчевски, човек загрижен за театарот, извонреден познавач на македонскиот јазик. Најдолго остана од сите директори, а најдобра трага остави Стојан Дамчески. И луѓето кои го опслужуваат театарот се одлични. Некои отидоа во пензија, некои починаа (нека им е лесна земјата)… Во принцип, сѐ функционира како што треба во рамките на скромните можности. Актерската екипа е фантастична. Прилепскиот е можеби единствениот театар во кој не сум се скарал. Сите проби ми оделе лесно, со дружење, со активен живот. Од постарата генерација, Пепи и Џумерко – легенди, полнокрвни глумци, да ти е мерак да работиш. Лидија, одлична и како глумица и како човек. Потоа Ванде, Најдо, Чакмак, Аша, Цена и Летка, генерација на корисни и употребливи глумци… Со сите ми леташе  работата со ќеф и во дружењето. Потоа одеднаш се собра генерација на одлични актери. Имам среќа да работам со нив. Инаку во овој момент, прилепскиот театар, по квалитетот, ентузијазмот и желбата за работа, е најдобар во Македонија – вели Ангеловски, не криејќи го задоволството што е тука во Прилеп.

Коле е цар за комедија

За него актерите само со пофални зборови. Благоја Ивчески ќе рече дека е малку да се каже дека Ангеловски е мајстор на комедијата.Според него, тој е вљубеник во комедијата, оти мајсторот може да работи , а вљубеникот се внесува исцело. За Трајче Иваноски, да се работело со Коле било задоволсто, оти се печел актерскиот занает. Марјан Чакмакоски додава дека ако Коле не постоел, требало да се измисли, но фала да е здрав и жив. Марија Спиркоска Илијеска потенцира дека – ,,кога се смее и публиката, и актерите зад кулисите, и сценските работници, се знае дека се работи за претстава од Коле,,.  Даниела Иваноска пак додава дека ,,Кољо е цар. Кој не го знае, ќе си умре глуп,,.

Коле Ангеловски е актер, режисер, преведувач, сценарист, комедиограф… Во Белград завршил Академија за театар, филм, радио и телевизија, а постдипломски студии во Париз, со стипендија од француската влада.

Во 1967 година бил вработен во Драмскиот театар, а од 2008 година е во пензија. Како театарски актер одиграл над 200 улоги, на филм четириесетина (повеќето главни низ цела Југославија), а на телевизија во разни серии и ТВ филмови, повеќе од 30 улоги.

Како режисер, во театрите низ Македонија и Југославија создал 120 претстави. Режирал два играни и еден документарен филм, како и повеќе од 500 часа разновидна ТВ програма (серии, ТВ филмови, детски емисии). Напишал пет театарски комедии и еден текст за деца. Сите се поставувани во повеќе наврати. Напишал и реализирал неколку филмски и телевизиски сценарија, а превел над 40 театарски текстови.

Повеќекратно е наградуван во Македонија и во странство, меѓу кои Сребрена арена и најдобар млад актер во Југославија на Пулскиот фестивал за улогата на Гаша во филмот на Бранко Бауер ,,Да се дојде и да се остане,,. Со филмот ,,Татко,, (сценарио и режија) на Пулскиот фестивал освоил две Златни арени и специјалната награда на сојузот на филмските работници на Југославија ,Кокан Ракоњац, за најдобар филм, Награда на Фестивалот на југословенската филмска комедија во Голубац, Златна рипка за најдобра режија за филмот ,,Викенд на мртовци,,, Награда за режија на комедијата ,,Ах, љубов моја,, на Меѓународниот фестивал во Мостар. ,,11 Октомври,,, републичка награда за животно дело и др.

Loading