ВРУТОКОТ НА МИСЛИТЕ НА ПЛАТНО

Роза Мирчевска, аматерски сликар, во која буи уметнички дух

Vrtlogot vo mislite na platno -   Roza Mircevska

Иако е текстилен техничар по образование, а две децении работела како фризерка, Мирчевска подеднакво добро се изразува со акрилни бои, масло на платно, со молив на картон и со авто спрејови

Кога се возбудува духот, кога мислите клокотат, кога немирот расте, а емоциите испливуваат на површина, тогаш уметничката душа има потреба од израз. Да се отне стерната, да бликнат чувствата, да се изразиш, да ги манифестираш трепетите е порив кој не може да се контролира. И тогаш, кога мислите се во страотен вртлог, кога сетилата доживуваат бура, креативниот човек создава, твори. Без оглед дали е тоа, песна или стих, слика или скулптура. Нема поголема стега за духовната состојба, кога врутокот ќе надојде, а да не ги ослободиш од себе си, од својот ментален склоп презентирајќи ги низ креативни творби. Токму ваков порив, ваков уметнички набој чувствува и 54 годишната прилепчанка Роза Мирчевска. Не може ако не слика, ако не создава дела. Подеднакво добро се изразува со акрилни бои, масло на платно, па дури и молив на картон, иако нема никакво уметничко образование. За сликарскиот наплив причина е животното искушение ставено пред секој човек со денот на раѓањето, понекогаш и провокацијата од околината, како и генетскиот материјал кој го содржи секој во себе си. Со слики се занимава од 2011 година.

– Сакам да сликам, набојот избувнува од мене, не може ако не сликам. Всушност, сé што сликам е вртлог, онака како што чувствувам и во мојата глава. Мислам дека нема нешто што не можам да го нацртам, било тоа да е со акрилни бои, масло на платно, со молив на картон… Цртав на блок, на ѕид, на што ќе најдев. Секоја секунда кога имам слободно време, ја користам да цртам. Набрзина ги завршувам домашните обврски за да заминам во мојот свет и  да се препуштам на сликањето, на фантазиите. Инаку имам бура со премрежија. Тоа ми е најголемото задоволство на душата. Ако не сликам небаре сум гладна, жедна, ненаспана, духовно празна и сиромашна, лишена од она што ми лежи – вели аматерката Мирчевска.

Тивка е, повлечена и скромна личност. Тешко ги отвора дверите од душата во која се кријат отпечатоците од релјефот на животот со височините и падовите, со добрите и лошите предизвици, со среќните и тажните мигови. А нив ги забележува и на сликарско платно, но и со текст, пишувајќи автобиографија.

Temnina svetlina i konj - motivi   na Mircevska

– Гледам во далечината и брзам да создадам нешто повеќе. Да оставам нешто зад себе, зашто мозокот ми е преполн и мислам дека врие и ќе “префрли”. Автобиографијата ја пишувам најмалку 10 години. Во таа книга забележувам сé што ми се случило, што сум прострадала, и добро и лошо – вели Мирчевска.

Талентот кој го носи во себе за уметноста, го открила уште како ученичка во ОУ “Рампо Левката” кога нејзините цртежи биле поставени по ходниците од училиштето. Својот пат во образованието не го продолжила на некое уметничко училиште, туку напротив завршила за текстилен техничар и работела во поранешната текстилна индустрија “Билјана”. После тоа, дури 22 години работела како фризерка, борејќи се за сопствената егзистенција. Сега работниот стаж го собира во компанија со странски капитал, работејќи во смени. Мотивите и темите на сликите се различни. Присутна е темнината, но го има и цвеќето чиј назив го носи за лично име. 

– И преку фризурите се изразував себе си. Мојот ум е уметнички, ако нешто не создавам, не можам да живеам. Некоја сила тлее, ќе бувни и ќе излези од мене, некој вртлог. На моите слики може да се види коњ што трча, мојата гордост, а во заднината роза, некое скриено сонце и оддеднаш темнина и секавици. Ги сакам планетите, нив ги правам со спрејови за автомобили. Обично работам масло на платно и најмногу слики имам направено со маслени бои. Како од темнината излегува светлина е најчестата тема, бидејќи се ми е измешано во паметот. Имам работено и со гипс, на кнауф. Со акрилни бои создавам цветови на хамер и тоа прекрасно изгледа. Во дворот направив фонтана од камења, кои со сопругот ги собиравме од Тројаци. Пред фонтаната има езерце. Сé правам со свои раце. Сé што ќе наумам, можам да направам – објаснува Мирчевска.

Зад уметничките креации вели дека прсти има замешано и наследната  лоза. Нејзиниот татко ги украсувал ѕидовите на семејната куќа во родното село Мојно, битолско. А со резба се занимава и нејзиниот брат.

Животот и искуствените мигови се креатори на најголемите уметнички дела. Познавачите велат дека очајот е извор на најголемата мотивација. Некогаш од страдањата кои остануваат трајно забраздени во длабочината на душата, се испраќаат емотивни пораки низ уметничките креации. Среќата која ја растреперува душата поттикнува на споделување на благосостојбата и радоста и со останатите. Животните врутоци ги тркалаат деновите како бисери во врвицата на секојдневието, а создаденото останува и после нас, за оние кои допрва ќе го здогледаат сонцето, како присет за една минливост и постоење. Токму, делата на Роза Мирчевска, кои се аматерски и кои уште никој не ги проценил каква уметничка вредност поседуваат, се доказ за желбата човек да се докаже, пред себе си, пред другите, да се олесни од внатре.

Cvekinjata so akrilni boi se   predizvik - Roza Mircevska

Не знае колку вкупно слики нацртала и создала. Најмалку 15-тина подарила на роднини и пријатели да им ги украсуваат домовите проткаени со колоритните емоции нанесени со бои и четка на платно, полни со емоциите кои ги исфрлила на уметничката утроба. Не пропушта, а да не проследи отворање на изложба во ЦК “Марко Цепенков”. Сонува еден ден да има самостојно презентирање на создадениот ликовен опус пред прилепската јавност. Гориво за уметничките дела и се своите чеда и сопругот кои чекорат крај неа во творечкиот порив, обезбедувајќи и ги неопходните материјали за ликовен израз. Само преку создавање на дела успева да го скроти копнежот и татнежот на своето срце.  

Loading