КАМЕНОТ БЛЕСКА МИНАТ НИЗ ВЕШТИ РАЦЕ

Оникс монт

Zanaetot ima marifeti - Kire Taleski

Двајца искусни колеги во монтирањето на мермерни и гранитни скали, подови и споменици пресечни по мерка, пред седум години ја создадоа фирмата Оникс монт. Горан Шереметкоски и Кире Талески со вербата и трудољубивоста, а и со познавањето на марифетите на занаетот за монтажа на архитектонско градежни камења претворени во плочи, стекнат во 20 годишното искуство, се втурнале храбро во немирните економски води да го вадат лебот и егзистенцијата на семејствата преку сопствен бизнис. Не се жалаат што заминале од кај поранешниот газда кој пропаднал. Напротив, двајцата се среќни дека платата им зависи исклучиво од квалитетот и вештото поставување на плочите со нивните раце. Од 2010 година ја формирале фирмата за поставување блескави мермерни и гранитни скалила и внатрешни и надворешни подови. Со умешноста, брзината и квалитетот веќе се барани за изведувачи, односно подизведувачи на градежни фирми на големи станбени колетивни објекти и во повеќе огромни куќи, како палати, каде сопствениците не жалаат средства, туку само го оценуваат квалитетот. Не ги препознаваат само во градов, туку гласот се прочул во Кичево Битола и други градови во земјава дека поставените плочи се точни до милиметар и  дека архитектонските дизајни ги стокмуваат како на проектот без влакно да им недостасува при нивелацијата. Плочките од мали и огромни димензии блескат во полн сјај, зашто се поставуваат прецизно, внимателно со осет за естетика.

– Одамна сме во овој еснаф. Можеби три децении. Ја познаваме спецификата на работата. Во малиот прст ги носеме сите тајни на занаетот. Префинети мајстори сме за плочките. Не дозволуваме некој да ни најде мана. Само со чесен пристап и со квалитет сме се наметнале кај инвеститорите. Затоа нé препорачуваат и на други места и не сме во состојба да одговориме на сите муштерии. Не е коректно да се измамуваат инвеститорите со роковите. Се зафаќаме со работа ако сметаме дека сме способни навреме да завршиме и со квалитет, без импровизации. Ако не, тогаш ја оставаме на друг. Да мамиме или да доведуваме во заблуда дека ќе завршиме, не се изложуваме на таков ризик. Да бегаме и да се сокриваме од инвеститорите, не ни доаѓа ниту на крајот на умот. Таквиот стил на работа може да помине еднаш, двапати или трипати, но гласот што ќе се прошири е неповратен за перспективата за бизнисот. Затоа чесноста и квалитетот се наши амблеми по кои нé идентификуваат – објаснуваат двајцата партнери Шереметкоски и Талески.

Iskustvoto i kvalitetot se amblem - Goran Seremetkoski

Велат дека последниве години инвеститорите малку се подзапрени и бараат плочки со пониски цени како што е кафеавиот камен од кинеска продукција кој е поевтин.

Инаку, фирмата ја крстиле како што им рекле во Централниот регистар. Поставуваат и оникс, но ретко бидејќи е мек, подложен е на гребење и абење, можби и пукање. Го бидува за камена галантерија.

Ортаците засега се сместени во најмен објект, но негуваат надеж да дека ќе направат свој објект и постепено да се вселат во свој работен дом. Веќе купиле плац во близина на Млекарницата. Тешкотија им е што не можат да најдат луѓе да ги ангажираат работно, да ги пријават и да им помагат во олеснување и забрзување на процесот, едновремено обучувајќи ги за мајстори на занаетот. Младите тешко се определуваат да влезат во оваа професија, оти бараат нешто лесно, во канцеларија без изложување на атмосферски влијанија.

Estetika na izvedbata

Како и да е, двајцата партнери успешно пливаат во бизнис водите, жилаво се борат, одолевајќи í на конкуренцијата и се надеваат дека ќе го развиваат бизнисот со постепен внимателен приод во иднина.   

Loading