МОРСКИОТ ЛАВ ГОЛТНАЛ „СТРАНО“ ТЕЛО!

ivce1Умрел морскиот лав во зоолошката градина во Скопје. Причината е непозната. Откако била извршена обдукција, се констатирало дека лавот голтнал камен. Случајот го објаснува извесна госпоѓа. Не знаеме во какво својство. Но, вели вака: “Во желудникот на лавот било најдено СТРАНО тело (камен)”. Е, токму тоа “страно” тело не натера да прокоментираме.

Именката СТРАНА е во многу широка употреба. Се употребува со повеќе значења, но сега тоа нема да не интересира. Во Речникот (тритомниот) одбележана е и именката СТРАНА, со значење – држава. Но, со објаснение дека тоа е веќе архаизам. Ете, од тој архаичен збор се произвеле именките СТРАНСТВО и СТРАНЕЦ. Во нашиот народен јазик повеќе се познати именките ТУЃИНА и ТУЃИНЕЦ, а и турските именки ЈАБАНА и ЈАБАНЏИЈА. Сепак има некаква нијанса со која се разликуваат од СТРАНСТВО и СТРАНЕЦ. Во бугарскиот јазик тие гласат ЧУЖБИНА и ЧУЖДЕНЕЦ. Во српскиот – СТРАНАЦ и ИНОСТРАНСТВО. Можеби кај нас превагнала употребата на СТРАНСТВО и СТРАНЕЦ, водејќи се според српскиот пример, но никако не според некој српски збор. Именката СТРАНА е старословенски збор, одбележана е и во старословенско – македонскиот речник со повеќе значења но и со значење на – ЗЕМЈА (држава) и ТУЃИНА. Значи зборот колку што е српски, толку е и македонски. И така, од именката СТРАНА, како застарена форма со значење на ДРЖАВА, сме дошле до зборовите – СТРАНЕЦ и СТРАНСТВО. Многумина сметаат дека тие се српски, но рековме дека тоа не е точно. Само по истиот пат по кој дошле Србите до СТРАНАЦ и ИНОСТРАНСТВО, сме дошле и ние до СТРАНЕЦ и СТРАНСТВО. Во ваквите случаи именките ТУЃИНА и ТУЃИНЕЦ веќе го имаат загубено местото.

Извесната госпоѓа за смртта на морскиот лав вели дека во желудникот на лавот било пронајдено СТРАНО тело. Е, тоа веќе не може. Од именката СТРАНСТВО придавката би била СТРАНСКО, а не СТРАНО. Тука е веќе нарушено и правилото за формирање на придавки од именки, но тоа е друга тема. Србите нека си велат СТРАНО тело. Кај нив тоа си е нормално. Кај нас не може и не смее така. И, што ќе правиме сега? Се разбира, ќе тргнеме по вистинскиот пат. Сега ќе ја земеме напомош именката ТУЃИНА, односно придавката – ТУЃ. Не станува збор дека каменот во утробата на лавот е од СТРАНСТВО, туку дека тоа е ТУЃО тело во неговиот организам. ТУЃО, во случајов би значело нешто што не е негово, нешто што не му е потребно. Предмет кој може да има некоја друга намена а не да стои во утробата на морскиот лав.

Сега веќе слободно можеме да ја употребиме придавката ТУЃ, а не СТРАНСКИ. Но, во ниеден случај не смееме да речеме дека е тоа СТРАНО тело. Видовме дека ТУЃО и СТРАНСКО во определени моменти можат да имаат исто значење, а во други, сосема различно. ТУЃО тело, а не СТРАНО тело. Па нели и десеттата Божја заповед гласи (скратено) “Не пожелувај ништо што е ТУЃО” (не странско)!

Loading