ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ivce1Не сме сигурни, но најверојатно сме се искажувале и порано. Изразот ПРЕТСЕДАТЕЛ на РЕПУБЛИКАТА не е точен. Вакво објаснување е потребно за луѓето на кои јазичната проблематика им е далечна. Но чудно е, премногу чудно кога грешката ќе ја слушаме од високи интелектуалци, луѓе од кои обичните граѓани треба да го учат правилниот јазик. Треба ли повторно? Ајде уште еднаш! Ќе се обидеме да објасниме. Додека постоеше Југославија како држава, постоеја и 6 републики кои ја сочинуваа. Постоеја сојузни органи (државни), органи кои се однесуваа на цела држава и постоеја републички органи кои се однесуваа одделно на републиките. Сега веќе не е така. Еве 25 години нашава земја е самостојна и независна држава која се вика РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Значи, името е Македонија а именката РЕПУБЛИКА го објаснува само нејзиното политичко уредување. Некаде тоа може да биде КРАЛСТВО, МОНАРХИЈА и којзнае уште како. Кај нас, како и во најголемиот број држави од Европа, политичкото уредување  е РЕПУБЛИКА. Велиме, политичкото уредување, а не името на државата. Затоа никој нема да рече и не треба да рече, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКАТА. На пример, во Грција е премиер Ципрас, но никој нема да рече ПРЕМИЕРОТ НА РЕПУБЛИКАТА, туку ќе рече ПРЕМИЕРОТ НА ГРЦИЈА или ПРЕМИЕРОТ НА РЕПУБЛИКА ГРЦИЈА. Холандија е кралство, но никој нема да рече ПРЕМИЕРОТ НА КРАЛСТВОТО, туку ПРЕМИЕРОТ НА ХОЛАНДИЈА или ПРЕМИЕРОТ НА КРАЛСТВОТО ХОЛАНДИЈА. Е, така е и кај нас – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАКЕДОНИЈА или ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Може и ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА. Но, никако не – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА.

Што да правиме сега? Да се срамиме, да црвенееме или да се нервираме?

На една телевизија, гостин беше универзитетски професор по уставно право. Безброј пати, ама буквално безброј пати, употребува – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА. Како не дошол тој човек до сознание дека не треба така? Дека ние не сме веќе република во некогашната федерација.

Друга емисија. Гостин – уставен судија (поранешен). И тој исто. И неговото излагање беше долго и неговите грешки многубројни. И тој – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА. Во врска со изборите беше темата, но тоа во случајов воопшто не не интересира.

Трет случај. Гостин во емисијата првиот и долгогодишен претседател на Собранието. Не да речеш дека му се провлекла грешка, туку и тој упорно и којзнае колку пати употребува – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКАТА.

Во многу ТВ емисии сме слушале да се вели “Републички совет за заштита во сообраќајот”. Тој може да биде – “Совет на Република Македонија за заштита во сообраќајот”. Или едноставно – “Совет за заштита во сообраќајот”, се знае дека е наш. А никако не може да биде “Републички совет”.

Се јавува извесен господин од Хидрометеоролошкиот завод. Неговата прва реченица гласи: “Утре во РЕПУБЛИКАВА времето ќе биде такво и такво”. Не! Не така! Може да биде – Утре во Македонија, утре во Република Македонија, утре во ДРЖАВАВА, утре во ЗЕМЈАВА, времето ќе биде такво и такво. Толку можности, толку варијанти, а тој ја одбира секогаш погрешната.

Да запомнеме. Именката РЕПУБЛИКА го означува само општествено – политичкото уредување, но ако треба да ја споменеме нашата држава ќе речеме: Во Македонија, во државава, во земјава, во Република Македонија. Никако – во РЕПУБЛИКАВА.

Loading