СПЕКТАКЛ НА „БОГОРОДИЧНАТА ЦРКВА ВО ПАРИЗ“

Гимназијалците изведоа мјузикл на француски јазик

naslovna

Март е месец на Франкофонијата, месец на празнување на францускиот јазик во земјите во кој се изучува, а не е мајчин јазик. По тој повод традиционално, Гимназијата „Мирче Ацев“ организира Француска вечер. Година гимназијалците и професорите приредија претстава која долго ќе се памети. Станува збор за музичката драма „Богородичната црква во Париз“.

Салата на театарот „Војдан Чернодрински“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани. Меѓу посетителите беа градоначалникот Марјан Ристески, Марија Николова, координатор за Франкофонија во Министерството за образование, Елисавета Поповска, претседател на здружението на професори по француски јазик и амбасадорот на Република Франција, Неговата Екселенција, Господинот Кристиан Тимоние.

Оваа е прва посета на висок странски дипломат на настан организиран од прилепската Гимназија. На учениците и вработените им е посебна чест и му изразуваат голема благодарност за неговото присуство.

Во знак на сеќавање на Евалина Блажеска, која беше ученичка при Гимназијата, а која за жал трагично и премногу рано го загуби животот, Прилепската пиварница под покровителство на Панде Самарџиоска, мајка на Евалина, додели годишни донации на пет ученици, матуранти при Гимназијата.

Музичката драма со нетрпение се очекуваше, бидејќи гимназијалците еден час го одземаа здивот на публиката од песните, балетот и глума низ шаренило на бои, прекрасна сценографија и кореографија. Различните чувства, овации и аплаузи ја исполнуваа салата до крајот на претставата.

{AG}442/frankofonija{/AG}

Низ несекојдневен театарски чин гимназијалците со мјузиклот, го доловија француското општество и раскажаа љубовна приказна, опишани во делото на Виктор Иго.

Незаборавен е настапот на Симеон Мерипушкоски кој во улога на Квазимодо изнуди солзи во публиката. Бистра Петреска како Есмералда со музичкиот настап и актерството ги воодушеви сите гости. Раскажувачот, балетот и останатите исполнители го направија настанот прекрасен, за кој долго ќе се зборува.

За целиот настан да изгледа беспрекорно, се погрижија учениците, актерската и вокалната група, Симеон Мерипушкоски, Бистра Петреска, Филип Димовски, Анастазија Христоска, Ангела Зероска, Михаел Милошески, Доротеја Дамјановска, Филип Шабаноски, Антонио Николоски, Теодора Стомнароска и Тамара Абрашевска. Во танчерската група беа Емилија Јовеска, Кирил Кочоски, Надица Чолакоска, Ангела Митреска, Михаела Кепеска, Евгенија Кузманоска, Деспина Башеска, Марија Стеваноска, Александра Илиеска и Ивана Јосифоска. Преводот и проекцијата ги направи Марија Андоноска.    Реквизитите ги изработија, Димитар Димески, Антонио Чупаркоски, Петар Андоноски, Огнен Цветаноски, Давид Желчески, Наум Аврамоски, Мила Јагуриноска, Марија Карбеска, Сара Мирческа, Лина Антоска, Михаела Павлеска и Ивана Стојаноска.

Тимот професори кои ја подготвија и ја реализираа музичката драма го сочинуваа менторот, главен организатор и координатор, Мирјана Бошковска, професор по француски јазик. Режијата, драматизацијата и сценографијата беа на Маринко Шлакески, професор по драмска уметност и англиски јазик. За сценографијата, костимографијата и графичкиот дизајн се потруди Гордица Димитриевска Груеска, професор по ликовна уметност. Музичката подготовка беше на Татјана Иваноска, професор по музичка уметност. Професорот по спорт и спортски активности Орде Цветаноски ја подготви креографијата. Техничката организација и поддршка ја имаше во рацете, Николче Богданоски, професор по историја.

Целокуниот настан во секоја фаза од подготовката и реализацијата беше поддржана од Кире Николоски – директорот на Гимназијата.

Loading