СИНТАКСА

ivce1Што е тоа? Објаснето е, образложено е во сите речници, во сите лексикони – точен реченички склоп. Дел од Граматиката кој се занимава со реченицата и нејзините составни делови. Наједноставно речено, тоа е распоредот на зборовите во односната реченица. Постојат тука определени правила. Ги има во секој јазик, па и во македонскиот. Со нарушувањето на правилата, се нарушува ритмиката на јазикот. Чудно е, но кај нас никој не обрнува внимание на тоа. Напротив, се поведуваме по српскиот распоред на зборовите. Читаме на екранот, во квизот на телевизија Канал 5 – “Кој тоа таму пее”? Грешка. Ќе приведеме повеќе такви грешки, кое од телевизиите, кое од весниците, а потоа ќе го напишеме правилното и ќе прокоментираме.

1. Кој тоа таму пее?

2. Како Глигоров избираше премиер?

3. Како “Лувр” и “Ермитаж” ќе се преселат во Тетово?

4. Како жителите од Мариово се справуваат со ниските температури?

5. Како касиерката го совладала разбојникот?

6. Како правилно да постапуваме за нашите деца да го знаат јазикот?

7. Како извршителите во Македонија ќе вршат наплата?

Вакви погрешни конструкции можеме да пишуваме до бескрај.

Најлошото е што никој, не обрнува внимание, и што мнозина ќе се чудат каде е тука грешката. Навидум, се е во ред. А не е така. Ќе ги напишеме сега истиве реченици онака како што треба, или на еден од начините што е правилен.

1. Кој пее тоа таму?

2. Како избираше Глигоров премиер?

3. Како ќе се преселат во Тетово “Лувр” и “Ермитаж”? Може и – Како ќе се преселат “Лувр” и “Ермитаж” во Тетово?

4. Како се справуваат жителите од Мариово со ниските температури?

5. Како го совладала касиерката разбојникот?

6. Како да постапуваме правилно, за нашите деца да го знаат јазикот?

7. Како ќе вршат извршителите наплата во Македонија?

Вака треба да гласи распоредот на зборовите во односните реченици. А во што е разликата? Во македнскиот јазик, во прашалните реченици, веднаш по прашалните зборови како – (што, колку) треба да дојде глаголот, а потоа другите зборови. Ќе ја земеме за пример најкратката реченица. Многу одамна, се играше филм чиј српски наслов гласеше – “Ко то тамо пева”. Уште тогаш, нашиве луѓе го преведуваа погрешно – “Кој тоа таму пее”. Еве и сега ја среќаваме истата грешка – “Кој тоа таму пее”. Рековме, според нашето правило изразот треба да гласи – “Кој пее тоа таму”. Меѓу прашалниот збор и глаголот може да дојдат само кратки зборчиња. На пример – кој ГО пее тоа, кој НЕ пее таму и така натаму. Инаку, по прашалниот збор мора да дојде прво глаголот, па потоа другите зборови. Никој, ама буквално никој, не води сметка за тоа. Само за пример слушајте на Телма. Речиси сите вести почнуваат: “Тоа беше веста на денот, еве што друго ќе гледате”. Ни лекторот, ни презентерот не размислуваат дека треба – “Еве што ќе гледате друго”, глаголот по прашалното зборче ШТО. Се донесол закон и сите велат –  “Еве што тој донесува”, наместо – “Еве што донесува тој”. Навидум се е во ред, а не е. Се нарушува строежот и ритмиката на нашиот јазик. Лектори, размислете!                                                                                                                 

Loading