ЗАР ТОКМУ ТАКА ТРЕБА?

ivce1Интересно. Ќе се појави некоја грешка на некоја телевизија и како договорени, ја прифаќаат сите.

Пред некое време, се појавија на некои од социјалните мрежи фотографии од некои дипломати. Оформени како некролози. Се разговараше за нив, се упатуваа критики, што е сосема нормално. Едно време ги снема тие фотографии. Бевме известени: “Ги снема дипломатските некролози“. Го слушавме и го прочитавме тоа на повеќе телевизии. Го слушаме и се чудиме, од каде на каде некролозите можеле да бидат дипломатски. Може да се каже дека ги снемало некролозите од дипломатите, а не дека тие биле ДИПЛОМАТСКИ. Грешка е тоа. Голема грешка. А ја слушавме на сите телевизии.

Се продавале во Скопје специјални картички за превоз во автобусите. Луѓето ги употребувале и потоа ги фрлале. Стигнуваат предупредувања дека не треба така. Слушаме од сите телевизии дека картичките не треба да се фрлаат, туку да се НАДОПОЛНУВААТ. Слушаме, речиси секоја вечер и речиси на сите телевизии. Еден ќе почне и сите тргнуваат по него. Никој не се сетил дека глаголот НАДОПОЛНУВА во најмногу случаи значи НАДОМЕСТУВА. Глаголската именка НАДОПОЛНУВАЊЕ, значи НАДОМЕСТУВАЊЕ. Во случајов не станува збор за такво нешто. Едноставно, картичките треба да се ДОПОЛНУВААТ, а не да се НАДОПОЛНУВААТ.

Се појавил во Македонија птичји грип. Некаде во струшко. Новинарката разговара со компетентно лице од Агенцијата за храна и ветеринарство. Објаснува човекот за опасноста од грипот. Вели дека не е опасен и не може да се пренесе на луѓето, но опасен е за птиците. Настанувала брза смрт. Нормално, следуваат прашања за употребата на живинското месо, за извоз или за увоз на такво месо. Во еден момент човекот вели дека Македонија извезува КОНЗУМНИ јајца. Да видиме. Зборот КОНЗУМ (конзумирање) има латинско потекло. Значи – трошење, потрошувачка. КОНЗУМЕНТ е потрошувач, купувач. Најмногу се мисли на човек кој КОНЗУМИРА (троши) прехранбени намирници. А, ете, човекот вели дека Македонија извезува КОНЗУМНИ јајца. А постојат ли и некои поинакви јајца, со некоја поинаква намена. Се разбира дека не. Јајцата се трошат, се продаваат, се конзумираат како прехранбени артикли. Тие се наменети за потрошувачите, за конзументите. Затоа, погрешно е да се вели дека Македонија извезува КОНЗУМНИ јајца. Едноставно, Македонија извезува јајца! Нема никаква потреба да се нагласува дека тие се конзумни. Во едно поодамнешно време се продаваше шеќер, а на амбалажата пишуваше – КОНЗУМЕН ШЕЌЕР. Иста грешка. Не постои некој неконзумен шеќер. Се знае дека него го конзумираат потрошувачите на прехранбени артикли.

Еве уште една јазична недоследност. Нашата армија добила подарок од американската амбасада. Тоа биле разни предмети, опрема која би се користела во случај на поплави. Високи чизми и разно – разни други реквизити, наменети за евентуална, таква елементарна непогода. Објаснува нашиот човек. Се заблагодарува. Вели дека опремата ќе се користела за предизвиците, предизвикани од големи поплави. Замислете – ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРЕДИЗВИКАНИ од поплави. ПРЕДИЗВИКАНИ ПРЕДИЗВИЦИ! Зошто не се каже дека односната опрема ќе се користи за решавање на проблемите предизвикани од поплави? За намалување на штетите предизвикани од поплавите? Може и поинаку, но човекот сака да се изрази на повисок стил па вели – ПРЕДИЗВИКАНИ ПРЕДИЗВИЦИ. 

Loading