ДВОЈНА БОРБА ЗА ОПСТАНОК

Сејдо Ќазимоски живее ем без екстремитети, ем без социјални права

Bez noze i bez socijalni prava

Судбината вистински се поиграла со животот на 45 годишниот Сејдо Ќазимоски кој живее ем без двете нозе, ем без здравствено осигурување и без пари. Заради неажурност на комисијата за здравство и доцнењето на решението за мобилност, од октомври останал без неколку вида социјална заштита. На Сејдо Ќазимоски, поради гангрена, пред речиси шест години му се ампутирани двете нозе. Со сопругата Фирдеска живее под кирија, без средства за живот, а проблемот настанал кога по последната лекарска контрола во октомври доцнеле наодот и мислењето од комисијата.

– Немам приход, ниту храна, ниту дрва. Сопругата ми прави измет колку што може, оти и таа е оболена. Ме болеше прво палецот, па ноктот и другите прсти, на болките им немаше крај и така двете нозе ми ги пресекоа. Не можам ништо да направам. Млад човек сум, ниту можам да се движам, ниту да работам. Живееме под кирија, но ниту имаме пари да плаќаме, ниту за храна, ниту за огрев. Целосно зависиме од државата и социјалната заштита, па сакам да ни се помогне да го оствариме тоа што ни припаѓа. Овие месеци беа многу тешки. Во милост и немислот сум па си велам и Господ да ме земе – вели Ќазимоски.

Фирдеска и Сејдо Ќазимоски сакаат да се реши нивниот проблем за остварување неколку вида социјални права.

– Само нега земаме, немаме информација за мобилната. Постојаната парична помош ја укинаа, нема здравствено осигурување. Јас сум депресивна имам лежано и во Демир Хисар и нема од што да го гледам. Немам помош од никаде, бараме обновување на документацијата, за да има здравствено осигурување, затоа што има рана. Приморана сум сама да му правам преврски, оти секаде ни бараат пари – вели Фирдеска.

Според министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, на Ќазимоски мора веднаш да му се помогне да ги оствари правата на постојана парична помош, со тоа и здравствена помош без партиципација, надоместот за мобилност и за нега на туѓо лице.

– Лично се уверив во состојбата. Веднаш треба да се одобри социјалната парична помош и надоместот за мобилност. Ќе испитаме до каде е со решението за мобилност, веднаш да се помогне. Тоа право Ќазимоски го остварувале во претходниот период, а сега ќе се ангажирам тоа право да се обнови. Навистина станува збор за тежок случај, за лице со хендикеп каде, факт е, нема подобрување и треба да испитаме зошто не го остварува правото на мобилност со траен налог. Двочленото семејство Ќазимоски трајно ќе бидат згрижени со постојана парична помош и со надомест за мобилност, бидејќи здравствената ситуација покажува дека тоа е неопходно. Со тоа ќе има право на здравствена заштита и да не плаќа воопшто партиципација – изјави Ибрахими.

Директорот на Меѓуопштинскиот центарот за социјална работа, Снежана Јованоска, смета дека семејство исполнува услови за повеќе права.

– Нашата активност ќе биде насочена околу забрзување на добивањето на наодот да може да се изготви решение и да се оствари право на додаток за мобилност. Покрај ова, бидејќи двочленото семејство Ќазимоски не се материјално обезбедени и не се способни за работа, ги исполнуваат условите за правото на постојана парична помош. И ова право е поврзано со добивање наод и мислење од комисија и потребно е време. Во меѓувреме, веднаш ќе доделиме социјална парична помош, до моментот на остварување на постојаната парична помош – вели Јованоска.

На семејството Ќазимоски му следува надомест за туѓа нега од околу 4 300 денари, додатокот за мобилност кој е 7.000 денари, а постојаната парична помош за самец е околу 4.200 денари, како и право на здравствена заштита.

Животот на четириесет и петгодишниот Сејдо Ќазимоски целосно зависи од сопругата и ажурноста на институциите. 

Loading