СУРИИ СУРАТИ НА ПЛОШТАД

В сабота и в недела, Карневал Прочка

Се очекуваат околу 150 учесници од земјава и од странство

Вековна градска страст за маскирање и простување        

Ritualen tanc na meckarite - kasapite         

Шеснаесеттото издание на меѓународниот карневал Прочка ќе се одржи утре и в недела на верскиот празник Велики Поклади кога помладите бараат прошка од постарите со традиционалниот поздрав – ,,Прости ми – простено да ти е од мене и од Бога,,. Локалната самоуправа и Здружението ,,Прилепски мечкари,,. најавуваат атрактивна програма со учество на околу 1500 учесници од земјава, од Италија, Србија, Бугарија и Албанија.

Тргна каревалската магија со денешната изложба на маски, кои се креации на средношколците и основците. Најмалите ќе дефилираат низ центарот в сабота. За увертира ќе им бидат куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции.

– Ќе се одржи и првата научна конференција, насловена ,,Обреди и фестивали под маски на Балканот – традиција, состојба, тенденција,,. Гости се стручнаци од Србија, Бугарија и Македонија. Реферати ќе имаат етнолози од Словенија, Хрватска и Грција. Научните работници ќе елаборираат за значењето на маскирањето како дел од културната историја и наследство на Балканот низ вековите. Собраните материјали ќе се публикуваат во зборник – вели Снежана Ристеска, советник за култура во Општината Прилеп.

Демонстрацијата на маски од земјава и Балканот ќе се изведи в недела со дефиле низ центарот.

– Посебна љубопитност предизвикува групата ,,Прилепски мечкари,, организирана од касапскиот еснаф, која со сурати, кожи, крзна, животински рогови ќе го одигра мечкарскиот танц што е ритуал на проштевање. Традицијата на маскирање на касапите е вековна. Тие ги посетуваат семејствата на своите колеги, собираат Прочка, која ја даруваат за организација на понеделничната традиционална трпеза со посебно варен грав, без вода, само со масло. Посната трпеза го симболизира барањето прошка на касапите заради професионалниот грев што го прват во текот на годината – вели Ванчо Георгив од Здружението ,,Прилепски мечкари,,.

Карневалот напредува од година во година и се збогатува. Тој е бедем за одржување на културното наследство. И во минатото Прилеп бил препознатлив по традицијата за преправање, односно маскирање за Поклади. И во пишаните материјали од 19 век стои дека луѓето раскажувале за маскирањата во Прилеп, кога се враќале од прилепскиот панаѓур. Оттогаш се негува и духот на мајтапот и се ковале анегдоти.

{AG}440/procka{/AG}

-Прочка е длабоко, со векови, вкоренета меѓу прилепчани. Таа е душата на градот. Низ социјалистичките години успеала да се одржи, да одолее и никогаш нема да одумре ова култура. Таа е дел од секој прилепчанец, стои во срцата и се чува како зеницата во окото. Напротив се повеќе се афирмира, збогатува и иновира во дослух со времето. Во тој контекс се алегоричните маски на политичарите кои иако се чувствителни, не се лутат иако во маските има нитка на сарказам, бидејќи секогаш се привлечни и се мета на интерес. Па, нели тој ден сите можеме да бидеме кралеви, цареви, космонаути… и со тоа да сееме позитивна енергија, да зрачиме оптимизам, ведрина и радост, а со тоа да побараме прошка – кажува Георгиев. 

Во духот на маскирањето ќе биде и неделниот маскембал на учесниците во ресторанот од хотелот Липа.              

– Пред неколку години Прилеп беше домаќин на претставници на 70 земји на Светската конвенција на карневалски градови. Традицијата се пренесува од колено на колено да се одржат и да се препознаат корените, едновремено негувајќи го културното богатство. Преку карневалот, Прилеп стана туристичка дестинација – изјави Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп.

Заради успешното организирање на карневалот Прочка, Прилеп е вклучен во Асоцијацијата на карневалски градови на Европа. 

Loading