ПОВТОРНО ЗА КУМОТ

ivce1Кој е како нас?! Ги негуваме традициите. Ги поддотеруваме, создаваме и нови. Уриваме светски рекорди. Колку изедени пити пастрмајлии, колку испиено пиво, колку направени сарми, колку потрошен грав! Од рекорд до рекорд.

Еве, и лани, во центарот на Прилеп, беше поставена светиниколската трпеза. Сарми, грав, риби, маслинки. Се во духот на традицијата. Оние што беа присутни на овој чин, видоа лично, а тие што останаа дома, бевме информирани од сите телевизии. Ни беше соопштено, а и видовме на екраните, дека стариот кум го предава кумството на новиот. Ни беше претставен и новиот кум.      

Во Скопје, на падините на Водно видовме повеќе луѓе како сечат дабови гранчиња. И тоа во духот на традицијата. И тука бевме информирани кој ќе биде новиот кум при прославата на Бадник. И не само тоа. Се избрал и нов здравичар. Грешките со употребата на зборот КУМ се мошне чести. Сме пишувале за тоа и порано. Но, штом грешката (лошото) се повторува и борбата треба да продолжи. Затоа, еве пак, ќе настојуваме да пообјасниме некои работи. Нема кумот таква функција како што мислат оние кои така го нарекуваат домаќинот на соодветните манифестации.

Чудно е, многу чудно, како му се накалеми на кумот квалификатив што не му припаѓа. Тој збор е во широка употреба, од вечни времиња. Зборот има словенско потекло. Одбележен е во сите речници. Многу е јасна неговата улога. Ќе го цитираме објаснувањето во Речникот на Зозе Мургоски: “Кум: 1. Лице што го принесува детето при крштевањето и кој понекогаш го одредува името. 2. Лице во својство на сведок при церемонијата при венчавање”. Ова е само потврда за функцијата на кумот. Во постаро време неговата улога беше уште поголема, но, се беше во таа смисла. Тој е главен при венчавањето на младоженците. Главен при крштевањето на децата. Почитта спрема кумот е превисока. Меѓу другите негови обврски е и онаа административната, да се потпише како сведок при венчавањето.

Во нашава македонска средина, многу често, наместо КУМ, се употребува именката НУНКО. Со истото значење. Мошне позната е реченицата што ја изговараат поповите при крштевањето. Попот го држи бебето и вели: “Кажи нунко (куме) име“.  Секако, именката КУМ има предност пред именката НУНКО. Еве, ќе цитираме дел од објаснувањето на Благоја Корубин: “Зборот КУМ (кума) е наш словенски збор. Тој има предимство во литературниот јазик пред зборот НУНКО, кој е од грчко потекло, но доста широко распространет во нашите говори”.

Значи, зборот КУМ е наш, го има во нашиот јазик, не е позајмен. Зошто сега позајмуваме некои други значења. Значењето и улогата на кумот го објаснивме. Кумот крштава и венчава. Тој нема врска со организацијата на прославата на Свети Никола или Бадник. Тие луѓе се домаќини, а не кумови.

Ќе се вратиме уште поназад во времето. Марко Китевски, во својата книга “Македонски празници” пишува дека во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството. Китевски вели дека (според преданијата) кога светците ги делеле функциите на Свети Јован му паднало кумството и побратимството:

Свети Петар – кључи од рајови

Свет Илија – сиљни секавици

Свети Јован – кумство, побратимство

Свети Јован се вика уште и КРСТИТЕЛ. Што правел тој? Крштавал! Го крстил и Исуса Христа. Значи, еве го најавтентичното толкување на значењето на зборот КУМ. Кумот крштава. А имаше обичај, кога ќе се фатат некои за побратими, кога ќе се побратимат, се викаат СВЕТИЈОВАНИ.

Почитувани организатори на големите прослави, побратими! Разберете и запомнете! Луѓето што ги нарекувате кумови се всушност – ДОМАЌИНИ. Немаат врска со кумството. 

Loading