БОГАТА ПРОГРАМА ЌЕ РЕАЛИЗИРА ГОДИНАВА БИБЛИОТЕКАТА

Petar Petreski najavuva dosta    proekti  za BibliotekataБиблиотеката „Борка Талески“ годинава ќе оствари богата програма, преку која ќе се запази основната дејност и зголемувањето на бројот на корисници. Директорот Петар Петрески потенцира дека планираат проекти за создавање на услови и амбиент за непречено функционирање и развој на библиотечната дејност, а со тоа  и на научно – образовниот и културен развој на граѓаните.

– Посебно внимание ќе посветиме на збогатување на книжните фондови со литература од сите области, како училишна, односно лектирна литература, стручна, белетристичка, странска литература и периодика, како и преку набавка на нови наслови, особено од областа на природните науки. Ќе продолжиме со примената на современите библиотечни новини, и со унапредување на автоматизирањето на современите библиотечни процеси во целокупното работење. Акцент ќе биде ставен и на издавачката дејност и ќе продолжиме со дигитализација на публикациите. Ќе се погрижиме и за доусовршување на  вработените во COBISS – програмата, а ќе ја интензивираме и збогатиме организацијата на научно – културните и образовни манифестации да ја стимулираме креативноста на младата популација. Ќе го афирмираме книжевното и културно богатство на Прилеп, надвор од границите на Македонија, пред сé, на роднокрајните автори, како и на многубројните монографски и библиографски изданија за Прилеп и Прилепско – вели Петрески, додавајќи дека ќе се издадат книгите ,,Мемоарите на Крсте Гермов – Шаќир Војвода,, во редакција на Славчо Ковилоски, ,,Поетско Маркукуле 2016,, – поетски зборник од истоимената манифестација и ,,Библиографија за Коле Чашуле,,.

Во библиотеката ќе се преуредува детското одделение со нови содржини и ќе се реши проблемот со магацинскиот простор. Предвидено е да се надгради кат над постоечкиот магацин и што поскоро да се обезбеди неопходниот слободен простор за повеќегодишна набавка на нова литература.

Современиот корисник да се чувствува попријатно, ќе се инвестира во набавката на нова и квалитетна опрема, нужна за непречено одвивање на процесот, заштитата на библиотечниот материјал и обезбедувањето на соодветни климатски услови, како за книгите и вработените, така и за корисниците.

Loading