И ДЕН И НОЌ, МЕЃУ ИКОНИТЕ

Благоја Миев, клисар во црквата „Св. Кирил и Методиј“

– Спознавањето на вистината го прави среќен

Kontakt megu svestenicite i vernicite - klisarot Blagooja Miev

Утрото и денот ги минува в црквата .Таа му е сé. И дом, и другар и невеста. Неговата посветеност кон веронауката, кон православието го направила да се чувствува предаден на духовната мисла катаден. Со Божја промисла, со чиста душа и смиреност, 60 годишниот Благоја Миев, од 2001 г. е помошник во црквата Свети Кирил и Методиј. Парохискиот свештеник го понудил. Прво продавал свеќи, а в црква одел во петок, во празник, одел и на божествени литургии. Бил чест посетител на прилепските манастири, се воодушевувал на Зрзе, на Трескавец, Свети Архангел Михаил, каде и се сплотил уште повеќе со божјата мисла. Уште повеќе кога ја почувствувал горчината на судбината, кога среќата му го свртела грбот и останал без работа од Центропромет. Немал што да работи и се оддал да ги проучува тајните на каноните на црквата.

– Додека бев на молитва, ме праша свештеникот дали сакам да помагам во црквата. Си реков, сигурно е ова со божја промисла. Си мислев дека е за некој месец, но се сменија старешини, свештеници, а јас останав уште да работам. Тогаш отецот Гоце Маџароски ми рече дека треба да цепам дрва за 6 пампури, дека ќе биде тешко, но сé се учи, дури и за клисар, ако сакаш – раскажува за почетокот Благоја Миев.

Тој скоро 17 години секое утро го почнува в црква. Кога денот ќе ги отвори ‘”очите” и Благоја ги отвора вратите на црковниот храм. Тој е првиот кој го пречекорува црковниот праг, ја пушта дневната светлина и ги пали кандилцата. Денот го започнува лесно, полетно, со смиреност, но и со чиста и спокојна душа. Задачата на клисарот е да ја отклучува црквата.

– Влегувам в црква, се поклонувам пред Бога, ги отклучувам сите врати, ги палам кандилцата, зачистувам и подготвувам сé што треба за утринската или божествената литургија. Секое утро во 6 часот, и лето и зиме, го отклучувам храмот. Вечерните служби се различно, во зависност од времетраењето на денот. Подготвувам за венчавки маси, круни… Запишувам пријави за погреби, крштевки. Сé оди преку клисарите и свештениците. Координираме – објаснува Миев.

За тоа, што било пресудно Благоја Миев толку многу да се оддаде на православието, не сака многу да објаснува. Бил учесник и во конфликтот 2001 г., кој секако дека не се заборава и оставил своевидни трауми кај секој прилепчанец, застанат на браникот на татковината. Но, љубовта кон Бога, кон словото Божјо, ја врзува со наклоноста кон убавиот пишан збор, кон поезијата, кон стиховите, кои сам ги создавал. Како уметничка душа, неговото опкружување најнапред биле луѓе уметници, сликари, архитекти, со кои подготвувале културни настани. Разговорите со монасите, му го отвориле уште повеќе погледот кон небесните тајни.

– Што ме натера? Нема врска Центропромет. Ме интересираше отсекогаш духовноста. Сите мудреци, сите интелектуалци кога ќе достигнат до одредено ниво, ја бараат апсолутната вистина, која треба да се спознае. Таа е во црквата. Секој ден умираат млади, стари, животот е краток. Во секого тлее искра, која утре ќе пламне, дека тоа е она што треба, она вистинското. Отец Макарие, со електро факултет, замина монах. Учев од отец Ристо кој почина. Имав добри учители, кои ме упатија на духовните работи, молитви, бденија. Не треба да се оди в црква само за да се запали свеќа, туку треба многу повеќе. Верник сум и секој треба да верува и да се спасува. Многу другари ми појдоа монаси и многу девојки отидоа привлечени од аскетскиот, односно од духовниот живот. Се занимавав со поезија, приредувавме алтернативни приредби. Немам фамилија, но црквата ми е како невеста, а имам и брат и сестра – вели Миев. 

Секојдневното одење во црква, го чувствува како обврска. Работата му е задоволство, а не врталиште од немајкаде. Секое стапнување в црква, за него е празник, радост и побудува слово Божјо. Но, често сочувствува и со тажните и со радосните моменти. Покрај чистачките и дежурните во кујната, клисарите се практично свидетели на сите настани. 

– Има и радосни и жални моменти. Со другиот клисар, сме контактот со црквата. Некогаш доаѓаат верници, кои бараат помош. Сакаат да разговараат со некого. Доколку можам, ги советувам, што е правилно, по кој пат да одат, да  не одат по бајачки, на пример. Има девојки, кои доаѓаат и плачат, од некоја мака. Ми се исповедуваат и мене, ми раскажуваат за фамилијата и за другите работи. Наркоманите бараат контакт со манастирот Јован Бигорски, по духовен пат и со строга контрола да се спасат. За мене има радосни моменти, со Бога сме радосни. В црква одам и си пеам, Богородицо дево…. Клисарот понекогаш и посланието го чита. Ми се случило пред затворање, некоја девојка ќе сака да запали свеќа, пред празник или со мисла. Ги отворам пулелеите и вратите, таа се чувствува убаво и ми благодари. Некои оставаат ливчиња по иконите, но не многу. На пример, нешто оставено на Света Петка. Ако имаат мака, го викам свештеникот, дежурниот тие даваат благослов. Некои прашуваат како да постат. Јас можам моето искуство да им го кажам, но не можам да му помогнам како свештеникот. На пролет, садиме цвеќиња и косиме трева. Треба да биде убав црковниот двор. Не жалам, утре ако некој ми рече да си одам не барам многу од животот, треба да се радуваш со малку – вели Миев.

Тој ја удира и камбаната на Пресвета Богородица… Радосен е кога ќе клепне црковното ѕвоно, кога звукот ќе го распара небото. Блика од среќа, што му служи на Бога. 

Loading