ПАРИЧКА СЕ ВРТИ НА ВАСИЛИЦА

Традиција е, не правило, симболиката е во парата како земно богатство, а лебот како нужност за живот и го симболизира телото Христово. Нема црковно правило за вртењето на парето.

Според житието на свети Василиј Велики, црквата го оправдува и  дава христијанско значење. Во времето кога Божјиот угодник Свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите во Кесарија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понуди богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил. Одбил да го земе ниту го ограбил градот. Никогаш повеќе не се вратил, ниту им здодевал на верниците од градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер. Не знаејќи што на кого му припаѓа, просветлен од Господ, ги замоли, фурнаџиите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секое ставил нешто од накитот и златниците. На Новата Година, кога сите луѓе дошле в црква, тој на секого им поделил по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го дал.

За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка.

Лепчето се разделува така што првото парче е за спомен на Господ, наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за Свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделувало останатите присутни. Оној кој ќе ја најде паричката, го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.

Меѓутоа, црквата смета дека е погрешно да се поврзува празникот на Свети Василиј со комар, карневал, прејадување, правење на пијанки и гозби, оти не може да се поврзи со Христијанството. 

Почетокот на новата црковна година е некаде на први септември, а ова е граѓанска нова година по јулијанскиот цалендар. Таа се поклопува со Василица и обрезанието Господово. Тоа е разликата на тие 13 дена меѓу Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар.

Во црквата се слави овој ден со молитва за благодарност за минатата година и молитва за Бог да даде здравје, бериќет и да не сочува од злото. 

Loading