КОЧАН ЗИМА НА СТАРТОТ НА ГОДИНАТА

Поларен студ го зафати и Прилеп

Se cisti i sobira snegot

Студ, мраз и снег го заковаа Прилеп. Веќе десет дена прилепчани живеат во поларен студ кој го зафати регионов, како и целиот Балкан. Најниските температури достигнаа до 21 степен под нулата. Дневната темпертаура се движеше околу десеттиот степен под нулата, а дополнителни проблеми предизвика и снежна покривка со дебелина од околу 10 цм. Студениот бран го зафати Прилеп на 5 јануари кога и се формира снежната обвивка, а мразот не попушташе ни преку ден заради северниот ветер. Управата за хидрометеоролошки работи најавува од денеска дека дневните температури ќе бидат во благ пораст, но не очекува нов влажен бран со врнежи од снег што ќе доведе до формира нова снежна покривка.

Прилепчани велат дека ваква кочан зима имаше пред петнаесетина години и дека студот и снегот им предизвикаа проблеми.

Подружницата на „Македонија пат” постојано беше во акција со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот на превојот Плетвар каде најголемиот проблем го правеа товарните возила без зимска опрема.             – За неколку дена потрошени се 300 метри кубни абразивен материјал, залиха имаме, а очекуваме и дотур – изјави Гоце Стефаноски,  раководител на подружницата „Македонија пат”, пункт Прилеп.

Според градоначалникот Марјан Ристески, локалната самоуправа навремено реагира на снегот и поларните температури:

– Се чистат сите главни, фреквентни улици во градот, пешачките патеки. Комуналец” се погрижи за централното градско подрачје и сите населени места да бидат достапни и проодни. Сите граѓани да ја чистат снежната маса пред своите домови, а возачите да користат зимска опрема – вели Ристески.

Потрошени се 400 метри кубни ризла и 130 тони сол за сообраќајот да  функционира како во градот, така и во населените места.

– Проодни се патиштата во Тројачкиот регион, прооден е патот Канатларци, Подмол – Ерековци, Селце, Ореовец, па се до Крстец, н.м Старо и Ново Лагово, Беровци, пуштени се екипи и во мариовскиот регион – изјави Бранко Нешкоски, директор на ЈП за ПУП.

Cisti kolovozi i trotoari

Студот и снежниот бран предизвикаа зголемена потрошувачка на вода за 30 до 50 насто, бидејќи се пуштаа чешмите да течат да не замрзнат. Вода за пиење има. Ниските температури предизвикаа дефекти во водоводната мрежа.

– Имавме преку 80 интервенции на замрзнати водомери. Имавме интервенции и на потисни цевководи поради замрзнување. На Божик, жителите на Селце останаа без вода поради замрзнување на цевководот. Дефекот е отстранет и е нормализирано водоснабдувањето. Поголеми проблеми имавме во Канатларци, горните делови и во селото Чепигово, каде што имаше прекин на водоснабдувањето поради дефекти од замрзнување и каде тешко се лоцираше замрзнувањето на водоводните линии – вели Сашо Николоски, директорот на ЈП „Водовод и канализација”.

Студот го почувствуваа и дуќанџиите каде излозите со денови останаа под мраз. Дури и во поголемите маркети, клима уредите не успеваа да го загреат воздухот. И пазарџиите ги немаше на градскиот пазар, а тезгите им беа покриени.

Оние кои се греат на дрва, велат дека бајаги потерале од складираното огревно дрво, а додека пак тие кои се затоплуваат на елекстрична струја цехот ќе го видат следниот месец кога ќе им пристигнат сметките.

Tozvarnite vozila bez oprema ne   moze da go pominat Pletvar

Некои од фирмите кај кои дозволува производствениот процес ги поврзаа празничните денови со деновите на поларните температури.

Децата, иако се на зимски распуст, не можеа опуштено да уживаат во снежните радости поради енормно ниските температури.

Прогнозите се дека ќе има уште снег, но со дневни температури кои ќе се движат околу нулата. 

Loading