СУКАЛО, НЕ ОКЛАГИЈА

ivce1За да дојдеме до целта, до темата, за која сакаме да пишуваме, мораме да почнеме со еден банален случај.

Ќе се месело нешто дома. Нешто ќе се сучело. Е, арно ама, го нема сукалото. Барај ваму, барај таму, го нема. Со некое прередување, со некое пресуредување, се зафрлило некаде. Нема друго чајре, ќе се оди в чаршија по сукало.

И појдовме. Убава, новоотворена продавница. Продавачката нешто реди надвор пред вратата. Мислејќи дека во продавницата има и друг продавач, влегуваме. Нема никој. Веднаш до вратата гледаме кошница и внатре десетина сукала, од оние кусите, подебелите. А токму такво требало да купиме. Земаме едно, а во тој момент влегува продавачката:

– Повелете, што ви треба – вели таа љубезно.

– Колку пари е сукалово? – ја прашуваме.

– Сакате сукало? Ене, во другана кошница, во ќошон – ни покажува продавачката.

Гледаме таму, друга кошница полна со сукала, со оние потанките, подолгите.

– Ама не – велиме. – Сакаме од овие покусиве.

– Добро, добро – вели таа. – Дека рековте сукало, а тоа што го држите е оклагија.

– Молам? Како рековте, што е ова?

– Оклагија, оклагија, така се вика.

– А за што служи овој предмет? – прашуваме.

– За сучење, – одговара љубезната продавачка.

– А, како тоа? За сучење, а не е сукало? – прашуваме.

– Па, гледате, поинакво е, вели таа, – се разликува од другите сукала. Тие се потанки и подолги.

– Многу чудно е тоа, – велиме. – И кошули, на пример, има разно-разни. Бели, црни, шарени, со куси или со долги ракави, но сите се кошули, имаат иста намена. Зошто во случајов едното сукало да е сукало, а другото да е оклагија?

– Да ви кажам право, – вели продавачката , – и мене ме чуди, но сите го викаат така. Преку 50 насто, море како 50, 200 насто го викаат така. Набавуваме и други предмети со имиња кои не знам што значат. Така и со оклагијава. Не знам зошто се вика така. Веројатно е српско тоа. Ама еве, ние за тоа не водиме многу сметка. А имате право. Штом служи за сучење, значи дека е сукало, независно од големината.

Заврши дијалогот. Продавачката се согласи со нашето мислење. Плаќаме колку што треба и со сукалото в раце излегуваме од продавницата. Го разгледуваме. Тоа, убаво спакувано, во танка најлонска фолија. Има налепница со некои податоци, напишани на српски јазик. Читаме дека било произведено во Крушевац (Србија). Веднаш до неа, помалечка налепница, таа на македонски јазик. Покрај повеќето податоци напишани на малечката налепница, пишува: АРТИКЛ – ОКЛАГИЈА. Значи, ете, и увозникот мисли дека и на македонски јазик се вика токму така – ОКЛАГИЈА.

Нејсе. Брзаме за дома, ја предаваме ОКЛАГИЈАТА и почнуваме да пребаруваме во речниците. Јасно ни е дека зборот не само што не е наш, туку и не ни е потребен. Но, сепак, си рековме дека можеби некаде во нашава земја се вика и така, па зборот да е зарегистриран некаде. Но, не го сретнавме никаде. Јасно е дека тој е навлезен од српскиот јазик. Навлезен е преку нашиот главен економски, индустриски, културен, образовен, и којзнае уште каков центар – СКОПЈЕ.

А се прашуваме и тоа дали овој збор – ОКЛАГИЈА е српски или и таму е влезен од некој друг јазик? Кај нас, во Македонија, немаме потреба да му го менуваме името на сукалото. Самото име го покажува и дејството кое се врши со него – се сучи.

Бараме, пребаруваме, врти – сучи, одавде – оданде, пронајдовме дека зборот ОКЛАГИЈА има турско потекло. Ете, тој збор влегол во српскиот јазик и се зацврстил. Сега, ние го увезуваме како “покултурен”. И како што вели продавачката, преку 90 насто од жените во Македонија сучат зелник со ОКЛАГИЈА.

Loading