Уметност на ѕидот од Центарот за култура
„Древниот сон“ е муралот кој го доби конечниот лик на надворешниот ѕид од библиотеката. Го наслика уметникот Тони Чатлески, како подарок за градот и разубавување на надворешноста на објектот од Библиотеката и ЦК “Марко Цепенков”. Чатлески вели дека муралот е завршница на неговиот циклус од 90 слики насловен “Древниот сон” со кој годинава се претстави во Националната галерија “Мала станица” во Скопје.
Тој ја пренесува потрагата по вечноста.
– Тука се сите одговори за смислата на животот, филозофијата за постоењето, сонувањето. Ги пренесувам сите мои внатрешни состојби и ситуации, сите мои соништа. Низ една апстрактна композиција ги креирав сите мои микросветови, сите погледи кон реалноста на живеењето, на сонувањето. Во суштина пренесена е мојата потрага по смислата и суштината на животот, на постоењето. Тука се сонот, сеќавањато, интимноста, личниот простор, запрениот миг на времето, еден вид осмислен емотивен просторен облик како спој на филозофијата и на духовноста – вели Чатлески.
Муралот е композицијата на боите, а гледачот забележува впечатлива ликовна творба, на која е видлива посветеноста да се создаде автентично дело.
Чатлески во Пикасов манир посочува дека не треба да се знае што треба да се слика, туку да се слика од душата, од она што извира во неговиот духовен свет, нагласувајќи дека наскоро започнува со создавање на нов циклус уметнички дела.