ПЛАЧИ ГОРА…

ivce1Токму така! “Плачи гора за мајстора, а куќа за куќница”. Во некои постари времиња, почесто се споменуваше оваа пословица. Поинаков беше начинот на живеењето. Обично, мажите одеа на работа, печалеа, а куќата ја одржуваа жените. Тие се грижеа за домашните работи. Односната пословица се користеше за случаи кога стануваше збор за жени недомаќинки, растурикуќи, лоши куќници. Но, во преносна смисла таа може да се користи и во други области. За луѓе кои не си ја вршат убаво својата работа. Луѓе кои не ги бидува за работата што ја работат. Еве, сега можеме да речеме, во малку поизменета форма: “Плачи гора за мајстора, а медиум за лектора“. Медиумите имаат потреба од лектор. Но, не лектор кој ќе биде само на платниот список, туку лектор кој ќе си ја знае својата работа. Лектор кој нема да дозволува да се зборува по медиумите кому како ќе му текне.

Пред извесно време пишувавме за грешките што ги слушавме во квизот кој се емитува на една телевизија. Тие грешки си се повторно присутни. Сега се слушаат некои нови, можеби поголеми. Во некоја од игрите, во соодветна колона, се испишуваат некои зборови. Целта е, играчот, учесникот во квизот, да каже на што му асоцираат тие зборови и така да го каже точниот одговор. И што гледаме?! Првиот збор од односната колона гласи – ВРУЌ! Не се сеќаваме за другите зборови но одговорот требало да гласи ШАМАР! Значи – ВРУЌ ШАМАР!!! Ова не се зборови од слободното излагање на водителот. Тие се присутни уште при подготовката на целиот концепт на квизот. И, каде се сега лекторите? Овие зборови се слушаат, на Бит – пазар, но не смее да се допуштат во телевизиските програми. Во сите речници и двата збора се одбележани како архаизми. И ним не им е местото во вакви емисии. За именката ВРУЌ во Историјата на македонскиот јазик, Блаже Конески има свој коментар, објаснување. Вели дека постојат зборови, меѓу кои и ВРУЌИНА (ВРУЌ), се пренесувале од север на југ, во меѓудијалектен контакт. Се случувало, уште и во 14 век од српскиот јазик да навлегуваат во нашиот. Така вели Блаже Конески.

Зборот ВРУЌИНА не навлезе во нашиот јазик, освен во северните делови – Скопје, Куманово. Затоа останува како дијалектизам и не треба да се користи.

Интересна е биографијата и на зборот ШАМАР. Тој има турско потекло. Во нашиот јазик има доста турцизми. Но, зборот ШАМАР не нашол место. И покрај отстранувањето на многу турцизми, сепак има зборови кои останале како такви и претставуваат норма. Именката ШАМАР навлегла во српскиот јазик и си фатила корен. И што се случува сега? Турскиот збор навлегува кај нас преку српскиот јазик. Се разбира пак преку Скопје. Нашиот збор е ШЛАКАНИЦА. Ете, скопскиот говор врши силно влијание (погрешно) низ цела Македонија, а луѓето честопати ги прифаќаат тие деформитети, мислејќи дека така треба. А зборовите ВРУЌ и ШАМАР воопшто не се потребни. Имаме наши. Каква мана и најдоа на синтагмата – ЖЕШКА ШЛАКАНИЦА. Дури, некогаш се употребуваше за шлаканиците – ВАРЕНА или ПЕЧЕНА. Печената е онаа жешката (“вруќата”), а варената беше онаа меката шлаканица.

Затоа господата лектори треба да обрнат посериозно внимание и поголема ангажираност. За да не биде – “Плаче гора за мајстора а медиум за лектора“.

Благоја Ивчески

Loading