Археолошки истражувања на Трескавец
Се преземаат заштитни археолошки ископувања околу магерничкиот конак кои се во функција за добивање на релевантни податоци за изработка на проектот за реконструкција и санација на манастирот Трескавец.
Според археологот д-р Бранислав Ристески, станува збор за уникатен пример на средновековна трпезарија и магерница со придружни простории.
– Потребни се податоци за изработка на автентичен проект за реконструкција. Се оди фаза по фаза, разоткривајќи ги користењето на трпезаријата и магерницата. Откривме делови од античкиот град Колобаиса, на градба од 13 и 14 век, па се до 19 век. Истрагите завршуваат до крајот на ноември – вели Ристески.
Според архитектот Илија Ристески од Заводот и Музеј за проектот се потребни археолошки сознанија.
– Истражувањата ќе придонесат во продолжението на решението за проектот во ликовниот и архитектонскиот дел. Трпезаријата и магерницата се јадро на духовниот комплекс. Просторот не е голем, но значајно е да се добие функционалност за да се изложат предмети за историјатот на манастирот – вели архитектот Ристески, потенцирајќи дека проектот треба да биде заокружен до крајот на годината.