САКАМ ОТВОРЕН ФУДБАЛ

Фудбал: Зоран Штерјовски, тренер на Победа

– Местото на екипата е во средината од табелата

Pobornik na ofanizvna igra - Zoran SterjovskiПред десетина дена тренер на прволигашот Победа стана битолчанецот Зоран Штерјовски. Имаше богата играчка кариера, а како тренер работеше во Пелистер, Силекс, Миравци, Корзо… Прилепскиот прволигаш го предводеше во триумфот 2-1 во Битола над Работнички и до ремито (1-1) со Ренова во Тетово.

Како падна одлуката?

– Победа ја следев нон – стоп во Битола и отприлика квалитетот на играчите го знам. Со дел од нив сум работел. Кога добив повик од претседателот Гоце Ингилизов, по нерешениот резултат со Македонија ЃП, знаев на што се нафаќам. Предизвик голем е Победа, клуб со традиција и реноме.

Сеќавањата за второлигашот Корзо?

– Позитивни. Го презедов на полусезона со само девет бода. Со доста засилувања пролетта успеавме да освоиме 26 бода. Тоа беше мое деби како главен тренер. Претходно бев само помошник на Канатларовски и Хусеин. Значи вистинскиот почеток ми беше во Прилеп.

Сега стартувавте со победа и реми?

– Сите се изненадени од тие резултати. Победа имаше квалитет и пред да дојдам. Некои работи ги променивме на психолошки план. Малку ги охрабривме играчите, поставивме нова основа, која роди плод. Работнички заслужено го совладавме низ многу шанси, а целта ја остваривме и со реми кај Ренова во Тетово.

Споредена со останатите, каде е местото на Победа?

– Можеби во средината на табелата. Гледав доста натпревари и чинам дека екипите се изедначени, освен Шкендија и Вардар, кои имаат значително повисоки буџети. Видовме дека Вардар, кога играше со Победа, немаше никаква разлика во играта. Одлучи еден шут од дистанца.

Сегашната состојба во клубов?

– Во однос на она што беше пред три години во Корзо, условите се значително подобри. Имаме два терена на располагање. Чекор по чекор ќе средуваме некои работи. Победа е на добар пат да изгради тренинг – центар на Металец. Со два – терени за скоро време ќе има одлични услови за работа.

Претстои дерби со Пелистер?

– Како и секогаш – неизвесно. Одиме во Битола, Пелистер игра дома, но не значи дека е фаворит. На такви дуели тешко е да се игра и да се прогнозира. Не може да се предвиди победникот, оти може да одлучи еден потег или момент.

Прилепчани велат дека личите на Гвардиола?

– Познато ми е од периодот во Корзо. Има такви сличности меѓу тренерите. И јас сакам отворен фудбал. Системот ми е сличен. Во првите два меча не сакав да менувам ништо, но во иднина ќе го пробам и тој систем. Морам да признам дека Гвардиола ми е идол како стручњак, креативец. Прави исчекор, гради игра и свој стил.

Играчкиот кадар во Победа?

– И на тој план не сакав ништо да менувам во двата натпревара. Имаме тренинзи и пријателски натпревари. Се надевам дека од оние кои не настапуваа некој ќе се наметни во првата екипа. Таков е фудбалот. Сметаме на сите играчи кои ги имаме.

Една пријателска

Поради репрезентативните настапи, пауза е во прволигашкото првенство. Затоа Победа вчера одигра пријателски натпревар на теренот Зоолошка ( 0  – 0 ), против второлигашот Вардар Неготино. За в сабота планиран е тренинг дуел на два тима од клубот.

Се очекува наредниот меч за бодови на 16 октомври, со Пелистер.

Табела: Вардар 21, Шкендија 17, Работнички 13, Ренова и Пелистер 12, Силекс 10, Победа и Шкупи 9, Брегалница 7, Македонија ЃП 6

Loading