МЕД ЗА ЗДРАВЈЕ И СЛАСТ

Фестивал на медот по 7-ми пат

– Наместо ланскиот просек од 5 – 6 кг., годинава има околу 1 – 2 кг. од пчелно семејство

Pocnete go denot so med poracuvaat pcelarite

Нема мед како ланската година. Во споредба со минатите години, производството на мед е најслабо. Просекот е некаде околу 1 – 2 кг. од пчелно семејство. Во изминатите години се добивало 5 – 6 кг. од пчелно семејство. Климатските промени годинава се одразија негативно врз пчеларството што резултира со намалени приноси. Ваква судбина делат околу 150 пчелари во прилепскиот крај кои заедно со колегите од регионот ги споделија искуствата на традиционалната манисфестација, Фестивал на медот, чија цел е промоција на пчелните производи, а се одржа по седми пат.  

– Нема точна статистика за производството. Причина за слабиот принос е времето. Пролетта, кога требаше пчелите да собираат мед, времето беше дождливо, подоцна зафати сушата, а во времето кога цветаа медните растенија, пчелите не го искористија сето тоа. Пласман немаме во странство, медот го пласираме тука на домашниот пазар. Како здружение од Прилеп и како членови во сојузот на пчеларите, се бориме против конкуренцијата со вештачкиот мед , и со писмено и усно укажување,  со интервенциите на инспекторите. Ќе видиме колку ќе успееме – вели Дејан Бошкоски, претседател на пчеларското здружение Братство.

На манифестацијата имаше околу 20 излагачи. Годинава е под мотото ” Медот и пчелните производи – инвестиција во здравјето”.

– Поздрава храна од медот нема. Пчелата го збира најдоброто што може да постои во природата. Збира од повеќе цветови. Затоа медот е многу богат со витамини и минерали. Се зема квалитетен мед само од познати луѓе, оти се појави вештачки мед. Има таков по маркетите, а го декларираат како природен. Не се лутиме ако кажат дека е вештачки, ама ги лажат луѓето дека е природен. Пласманот е многу тежок. Се мачиме, се трудиме да го промовираме и да го запознаеме населението дека медот е најкорисен и дека сите треба да го употребуваат, за сите генерации. Работам скоро 60 години со пчеларство. Почнав од 17 години. Завршив пчеларска школа во Хрватска и работев во Пчеларската станица во Прилеп 10 год. Меѓутоа мораше да се определам само на моите производи – вели пчеларот Ацо Спиркоски.

Покрај медот, и останатите пчелни производи се ефикасни за имунитетот и против повеќе заболувања.

Zdravje vo tegla

– Денот треба да започне со лажичка мед. Ги имаме сите пчелни производи матичен млеч, поленов прав, прополис. Од користењето на сите овие производи, луѓето се здрави. Природниот мед треба да се кристализира, постепено со ферментација од месец на месец како сало. Тоа е чист природен мед. Прилепскиот мед е најквалитетен, оти околината е богата со шуми. Сите кажуваат дека е најквалитетен, бидејќи околината е најчиста, незагадена. Медот да се користи на сабајле и на вечер, претежно со пластична или со дрвена лажичка. Или во чаша млака вода едно лајче со сок од лимон, дава енергија и го чисти организмот. Се продава главно на пазар веќе 20 години и сите се презадоволни и од медот и од амбалажата. Имаме искуство 38 години, медот е нешто најздраво, најкорисно за човековото здравје. Содржи сé што му е потребно на организмот – вели Марија Спиркоска.

Манифестацијата на која се промовира здравиот начин на живот, се одржува на отворено, на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”. Учествуваа 20 пчелари од Прилеп и од другите општини од Македонија. Производите се продаваа по намалени промотивни цени. Фестивалот и годинава се одржува со поддршка на прилепската локална самоуправа.  

Loading