КВИЗ СО ГРЕШКИ

ivce1Телевизиска емисија. Прашува новинарката, одговара докторот. Коментира пошироко за определена болест. Препорачува лекови, дава совети. Вели дека пациентот ќе се РЕШИ од болеста, ако се придржува на овие упатства. Пациентот може да се ОСЛОБОДИ од болеста, а не да се РЕШИ. Глаголот РЕШИ (свршен) има сосема друго значење. Човекот може да РЕШИ да земе кредит, може да РЕШИ да отиде на кино. И којзнае уште колку и какви решенија можат да се донесат. Но тој израз дека човекот (болниот) може да се РЕШИ од болеста е чуден и невозможен во нашиот јазик. Во некои моменти Србите имаат таков израз, но кај нас нема и нема никаква потреба да го користиме. Едноставно, болниот може да се ослободи од болката, да ЗАКРЕПНЕ, а не да се РЕШИ.

Не е само ова. Како да се “решиме“ од сите грешки кои се множат и се шират како епидемија. Жариштето е во Скопје, а инфекцијата се проширува насекаде. На телевизијата АЛФА гледаме некој квиз. Убаво, гледачите сакаат такви емисии. Во една од игрите се отвораат определени полиња, а на нив има испишано некој поим. Се отвора полето и пишува – ОКРУГЛО. Грешка. Нашиот збор гласи ТРКАЛЕЗНО (тркалезно лице, тркалезна маса).

Се отвора друго поле. Тука пишува КУТЛАЧА. Каде ли ја најдоја? Во нашиов јазик таа таква лажица би била ЦРПАЛКА. Понекогаш таа може да се поистовети со една друга црпалка – ЦРПКА. Затоа можеби треба да се нагласи ЛАЖИЦА ЦРПАЛКА. Но, ако се бара во квизот некој краток, концизен израз или поточно, еден збор, тогаш треба да се најде некој друг, а не КУТЛАЧА. Тој збор не е наш.

Натпреварувачите во квизот избираат полиња. Тоа им го сугерира водителот. Им вели: “Бирајте поле“! Тоа се повторува безброј пати – БИРАЈТЕ па БИРАЈТЕ. Не знае тоа момче дека во македонскиот јазик не постои глагол БИРА. Односно, тој секогаш служи само како основа, а секогаш се употребува исклучиво префиксиран – ИЗБИРА, ОДБИРА, ПРЕБИРА. Во последно време како да се јавува некаква тенденција да се користи и – БИРА, така, непрефиксиран. Погрешно е тоа, но тешко дека ќе се спречи.

Во еден момент, предмет на разговорот стануваат и чевлите. Зборува водителот, објаснува и вели дека чевлите се облекуваат. Како така? Па нели чевлите се обувки, а обувките се обуваат, а не се облекуваат. Се облекуваат алиштата.

Понатаму повторно се отвораат нови полиња. Водителот не вели дека се отвораат, туку се ОТВАРААТ. Многу честа грешка. Се знае дека именката е ОТВОР, а не ОТВАР. Според тоа и глаголот гласи ОТВОРААТ. Се ОТВОРААТ нови полиња, а не се ОТВАРААТ. Во еден момент од играта, ако го погоди играчот одговорот му одзема поени на противникот. Така, еден играч му ги зеде поените на другиот. А водителот вели: “Ете тој ви ги зема поените“. ЗЕМА е несвршен глагол, и затоа треба да се рече, “Ви ги зеде поените “, но водителот си тера по скопски.

Којзнае колку пати водителот го употребува прилогот ПОЗАДИ! ПОЗАДИ мене, ПОЗАДИ тоа и така безброј пати. Оваа грешка е многу честа насекаде. Прилогот ПОЗАДИ на македонски гласи ОДЗАДИ. Во определени моменти може и ЗАД мене, ЗАД тебе, но никако не – ПОЗАДИ. Со глаголот ЗЕМА во скопскиот говор се прави и друга грешка. Се повторува и во квизов. Наместо ЗЕМА, водителот вели ЗИМА. Објаснува дека некој од играчите ги ЗИМАЛ поените. Императивната форма (заповеден начин) гласи ЗЕМЕТЕ. Во скопскиот говор тоа е ЗЕМИТЕ. Како локализам тоа може да се употребува, но не смее во литературниот јазик. А во телевизиските емисии треба да се користи литературниот јазик.

За грешките што ги споменуваме во овој напис веројатно сме пишувале и порано. Не си спомнуваме точно, но сигурно е така. Веројатно и сега нешто се повторува. Можеби. Но, ова го пишуваме поради фактот што сиве овие недоследности ги слушнавме само во една емисија. А ако се има предвид дека тие се повторуваа повеќепати од водителот, тоа навистина изгледа дека биле повеќе од колку што се. А и не се малку.

Многупати се прашуваме, каде се лекторите? Ајде, во слободниот говор на водителот не можат да интервенираат. Сепак можат да му укажат да не ги прави во наредните емисии.

А оној текст, оние поими кои се напишани во соодветните прашања не може да врват без присуство на лектор.

Така барем треба да биде! 

Loading