ПРИЛЕПЧАНЕЦ – ЅВЕЗДА ВО ЛУГАНО

Фудбал: Езѓан Алиоски, наш репрезентативец

– Секавично брз голгетер

Alioski levoi vo dresot na Makedonija

На првиот овогодишен квалификациски меч против Албанија во Скадар, во репрезентацијата на Македонија блесна Езѓан Алиоски. Постигна убав гол. Сам ја одзеде топката, незадржливо се проби и неодбранливо биеше во аголот на домашниот голман. Одличната игра, неверојатната брзина и сите други квалитети, придонесоа за него да се заинтересираат гигантски клубови низ Европа, меѓу кои и Барселона. Убаво беше да се слушне, бидејќи се работи за 24 – годишен фудбалер, член на швајцарскиот прволигаш Лугано, а роден во Прилеп,.

До кога живеевте во родниот град?

– Кога наполнив две години. Тогаш со моето семејство се преселивме во Швајцарија.

Што паметите од тоа време?

– Бидејќи бев мошне мал, немам многу сеќавања. Единствено се сеќавам на случка кога бев качен на магаре, покрај мајка ми и брат ми. Тогаш татко ми веќе беше во Швајцарија.

Имате ли и сега роднини во Прилеп?

– Многу. Во градот и околината се многу роднини, и по татко ми и по мајка ми. Имам вујковци, тетки, братучеди… Големо е нашето семејство.

Често ли доаѓате во градов?

– Кога бев помлад секое лето навраќав. И сега доаѓам во посета барем еднаш годишно. Кога имам слободно време. Последен пат таму бев во мај.

Вашите познавања за Прилеп?

– Да бидам искрен, не знам многу. Знам само дека таму е голема тутунска индустрија. Инаку, секогаш е преубаво да се дојде во градот, бидејќи е многу симпатично место.

Имате ли информации за фудбалот, за Победа?

– Македонскиот фудбал не го следам најредовно. Знам дека Победа требаше да добие нов стадион, што зависеше од финансиските услови. Татко ми кажуваше дека во 80-те и 90-те години Победа била многу силен тим.

Како е во Лугано?

– Многу добро. Тимскиот дух е на високо ниво и уживам играјќи за овој клуб. Беше голем чекор за мене да се докажам во Супер лигата и менаџерот Зденек Земан, како и претседателот Ангело Ренѕети, ми ја дадоа таа можност. По потписот на двогодишниот договор, целта е да ја оправдам довербата, да постигнам што повеќе голови.

Кој дел од кариерата е најуспешниот?

– Првиот повик за сениорската репрезентација на Македонија, кога се уште играв лев бек во младинскиот Шафхаузен. Потоа почнав да настапувам во Супер лигата, за Лугано. Од одбранбен играч станав напаѓач, што беше корисно и за мене и за екипата.

Ве опсипаа понуди после голот во Скадар?

– Мојот фокус е врз сегашниот тим на Лугано, а се друго оставам на мојот агент. Сакам да играм фудбал колку што е можно поедноставно. Не се оптоварувам со другите случувања.

Какви се шансите на Македонија?

 – Имам играно против некои од овие репрезентации. Сме во навистина силна група, со Италија, Шпанија, Израел, Албанија. Основна цел е да докажеме оти можеме да напредуваме во однос на нашите колективни способности. Верувам дека сме на добар пат. Имаме одличен тим и сигурен сум дека позитивно ќе изненадиме.

Идоли

Кои беа вашите фудбалски идоли?

– Кога играв лев бек најмногу ги ценев Роберто Карлос и Марселињо, двајцата од Реал Мадрид. Ме воодушевуваа, оти се странични играчи со напаѓачки манири.

Loading