И СТАЛИН СЕ НЕРВИРАЛ ЗА ЈАЗИЧНИТЕ ГРЕШКИ

ivce1Сретнавме интересен податок. Сталин имал библиотека со 20 000 книги. Многу сакал да чита. Читал брзо, а многу го нервирале јазичните грешки. Е, товариш Сталин! Кога би можел да ги чуеш нашиве новинари, особено нашиве политичари, сигурно ќе ги испратеше во Сибир на заточение.

Ја зафати нашава земја голема поплава. Катастрофална. Невидена досега. Голем број жртви и огромна материјална штета. Медиумите, како што е нормално, известуваат за се што се случува. И, сите како договорени – ВОДЕНА стихија, ВОДЕНА катастрофа! Сите, буквално сите новинари, сите политичари – ВОДЕНА па ВОДЕНА. Катастрофата е голема но тоа не значи дека треба да постои и јазична катастрофа. Како никој не се сетил! Никој новинар, никој лектор! Никому не му текнало дека придавката ВОДЕНА значи ВЛАЖНА, МОКРА, НАВОДЕНЕТА. А овде станува збор за ВОДНА стихија, ВОДНА катастрофа. Зар не ја чувствуваат разликата? Исто како што е ДРВЕНА маса, но ДРВНА (не дрвена) индустрија. Исто како КОЖЕНА чанта (не кожна), а КОЖНА индустрија. Примери има многу, грешки уште повеќе. Ќе одбележиме уште една. Гледаме емисија за карактеристиките на определени места во Хрватска, на Јадранското Море. Гледаме интересно место каде се забавуваат млади луѓе. Се фрлаат во водата. Прават акробатски скокови. Е тоа биле ВОДЕНИ авантури. Така не известува новинарката. Не знае дека тоа што го кажува значи дека младите луѓе изведувале ВЛАЖНИ авантури. А всушност, станува збор за ВОДНИ авантури, а не за ВОДЕНИ.

Новинар, разговара со сопственик на овоштарник. За праски станува збор. Сопственикот објаснува надолго и нашироко околу производството. Зборува за болестите, за бербата, за пласманот. Кажува дека во последно време биле застапени праски со поголема издржливост, а со посебна, специфична арома. Слуша новинарот и на крајот “мудро” заклучува: “Да, веднаш се сеќава, се шири пријатна, миризлива арома”. Замислете, МИРИЗЛИВА АРОМА се ширела. А може и АРОМАТИЧНА МИРИЗБА, зар не? Што се не ќе чуеме!

Телевизиски водител. Познат, одамнешен. Емисијата со забавен карактер. Учесниците во емисијата треба да одговараат на определени прашања. Често пати се случува тие да не можат да одговорат. Таков е случајот со еден учесник. Водителот сака да му помогне со некакви објаснувања,го води кон целта, го прашува: “Што имаш на КОНДУРИ ОД ПОЗАДИ”? Зошто прашањето да не биде поставено како што треба: “Што имаш на чевлите одназад”? Турската именка КОНДУРИ замина во историјата. ЧЕВЛИ се тоа, а не КОНДУРИ. Прилогот ПОЗАДИ не е наш и ако многу луѓе го употребуваат и, се разбира, прават грешка. Кај нас тоа е ОДНАЗАД, ОДЗАДИ како што е ОТСПРЕДИ, ОДНАПРЕД. Во многу случаи можe да се користи предлогот ЗАД. ЗАД МЕНЕ, ЗАД КУЌА, а не ПОЗАДИ МЕНЕ, ПОЗАДИ КУЌА и така натаму.

Водителот, во понатамошниот тек на емисијата изговори и ваква реченица: “Ова што го држам во рака”. Вечна грешка во скопскиот говор, која се пренесува и во другите подрачја. Именката РАКА во ваквиот случај мора да биде членувана – “Ова што го држам во РАКАВА”, а не ВО РАКА.

Хрватските спортисти сме имале можност да ги гледаме необично многу. Забележливо е дека на нивните дресови, речиси секогаш, има дел од хрватскиот амблем. Тоа се оние црвено-бели полиња, кои Хрватите често си ги викаат ШАХОВНИЦА. Такви се, како шаховски полиња. Со таа разлика што шахот има црно-бели полиња, а хрватската ШАХОВНИЦА е црвено-бела. Нашиве спортски коментатори имаат обичај да ги нарекуваат КОЦКЕСТИ. На Олимписките игри во Бразил, а и многупати порано. Слушаме – “Коцкестите загубија, коцкестите не се во форма”…  Погрешно е тоа. Црвено-белите полиња на хрватските дресови се квадрати, а не коцки. Коцката е геометриско тело, има три димензии – ширина, должина и висина. А квадратите се геометриска слика (не тело). Имаат само две димензии – должина и ширина.

Ваква грешка правиме сите кога купуваме тетратки и велиме дека бараме тетратка со коцки, а тоа се всушност, тетратки со квадратчиња.

А хрватските спортисти, ако веќе треба да ги нарекуваме така, ќе бидат КВАДРАТЕСТИ, а не КОЦКЕСТИ.

Loading