БОГАТ КУЛТУРЕН ВИКЕНД

Во ЦК „Марко Цепенков“

kultura na pretek za vikendov

Бујна културна понуда ќе има викендов. За хуманитарни цели театарот вечерва од 20 часот ќе ја прикаже претставата “Хамлет од Горно Дупени” во режија на Кирил Петрески.

– Средствата собрани од влезниците, кои чинат 100 денари, ќе бидат донирани за населението погодено од неодамнешните поплави во скопскиот регион. Ја покажуваме на дело хуманоста – вели Тони Чатлески, директор на ЦК “Марко Цепенков”.

Во големата сала пак на Центарот целовечерен концерт има КУД “Моминок”. Ќе им се придружат и гостите КУД “Братство Војковишќи” од Сараево, и Јорданка Смилеска, Софија Кочоска и Ордан Ристески.

Во ликовната галерија од 20 часот своите дела ќе ги претстави уметницата Тања Таневска. Во творештвото е ориентирана на полето на реконструкцијата на минливоста на материјалите кои ги избира (женски чорапи, амбалажа, картони) и ги преточува во сопствена возбудлива приказна за взаемноста на музиката и ликовната уметност и нивната поврзаност во техниката на колажот.

– Авторката, низ искуствата од историскиот контекст на кубистичките колажи, ги преточува и сублимира во сопствени лесни, брзи знаковни системи на нивните кодови. Интересот за колажот како техника е можност на материјалите да им даде нов живот и значење, а тие низ креативноста да го добијат ефектот на “размножување”, за подоцна да добијат и други форми преточени и во нејзиното сликарство. Колажите ја носат во себе семантиката на формите на жичените инструменти од кои најприсутен е обликот на гитарата – вели ликовниот уметник м-р Жаклина Глигориевска – Кочоска.

Утревечер ќе се одржи Вториот фестивал на руската дијаспора  “Јубилејна Русија”, преку кој ќе се пренесат значајни јубилеи на оваа држава.   Од 18 часот ќе биде отворена изложба на детски цртежи и ракотворби, а од 19 часот е концертот на кој, со автентични руски носии, ќе се претстават руски уметници кои живеат и творат во Македонија. Тие ќе го пренесат духот на Русија. Фестивалот е поддржан од Амбасадата на Руската федерација во Македонија и од Управата на градот Москва.

Нема да изостанат ниту кино проекциите. Од 20 до 22 септември од 19 и 21 часот ќе се прикажуваат филмовите “Заштитник” и “Датум на венчавка”.

Loading