ПИПЕРКИ И ЗЕЛКА ЗА АМЕРИКАНСКА ТРПЕЗА

Американски иселеник и македонски роднина инвестираа во селото Славеј

Инвестицијата на погонот за преработка и конзервирање на зеленчук чини околу милион евра. На почеток се ангажирани триесетина работници

Investicija po amerikanski standardi

Старото и запуштено училиште во селото Славеј, општина Кривогаштани, е нов производствен погон за преработка на градинарски култури на фирмата на нашиот иселеник во Америка, Цветко Петрески. Покрај тоа што фирмата на Петрески, “Бакалески промет”, го светна руинираното училиште, го адаптира во фабрички простор со дотерување на внатрешноста, па фасадата и дворот, веќе инсталира и опрема за производство на зимница, која ќе се пласира најпрвин во САД, а понатаму и на другите континенти. Инвестицијата досега тежи околу милион евра. На почеток се ангажирани триесетина работници со тенденција на постепен пораст на бројот на вработените.

Петрески со неговиот внук од брат, Бранко, преработуваат пиперки и друг вид на туршија, а од училиштето кое веќе е конзервен капацитет, ќе излегува и ајвар. Главнината од репроматеријалите ќе ја откупуваат од земјоделците, а дел обезбедуваат од сопственото производство на неколку хектари. Засега од своите ниви произведуваат феферони, зелка, шери – домати, карфиол… Иселеникот во САД, со потекло од Долнени, најавува раст на сопственото производство на градинарски култури, заради сигурност за репроматаријали. Не е исклучено в година да произведува сушено овошје.

Vnuk i cisko teraat amerikanska investicija  - Branko i Cvetan Petreski– Поволни се околностите за бизнис во Македонија. Во споредба со САД, овде е поевтино да се вложува и да се покрене бизнис инвестиција. Сите државни служби брзо излегуваат во пресрет за обезбедување на потребната документација. Само е нужна упорност и работливост –  вели Цветан.  

Капацитетот на фабриката е преработка на околу илјада тони пиперки за оваа сезона. Квалитетот е носечки.

– Веќе го имаме и е проверен квалитетот по домашни рецепти со минимум конзерванси. Пласманот е обезбеден и за в година планираме проширување, не само со преработување и производство на зеленчук, туку и со сушено овошје – вели Цветан.

Od ruina do moderna oprema vo nekogasnoto uciliste

Во инвестицијата тргнал смело, откако претходно добро ја разработил идејата и ги испланирал сите инвестициски чекори. Ветер во грб му е искуството кое го имал во “ветената земја” со бизнисот кој го имал преку “големата бара”. Пресудно за зафаќање со инвестицијата, како што објаснува, е квалитетниот род кој го дава македонската почва. Згора на сето, производството се приготвува по домашни традиционални рецепти. А обезбедениот пласман е она што ќе ја направи инвестицијата доходовна.

– Од првичните количества кои мината година имавме можност да ги пласираме на пазарот, дојодвме до сознание дека македонските производи ги сакаат и бараат на пазарот. Прсти лижат и подголтнуваат за киселите пиперки, за листовите зелка, за полнетите феферони, особено Русите кои живеат во САД, потоа Германците, Полјаците, Србите. Квалитетот го дава почвата. Зеленчуците се со врвен и исклучителен вкус, кој е природен и со задоволство го консумираат потрошувачите на американското тло – објаснува Цветан  

Внукот Бранко кој е трудољубив и координатор на тековните инвестициски активности, веќе лично успеал да го тестира американскиот пазар со производството лично од неговите прсти.

Se ocekuvaat prvite tegli ajvaraza Amerikancite

– Со неверување гледаа соселаните кога посадив феферони, мали пиперчиња за полнење со изварка. Не можеа да ја сфатат мојата идеја и наместо да им објаснувам, во шега им одговарав дека сум употребил погрешно семе при садењето. Производот мина како алва во САД. Треба да сфатат нашите земјоделци и индивидуални производители дека преку ноќ не се печали, дека е потребен труд, упорност кој потоа ќе вроди плод. Не треба да се базираат само на традиционалното производство на пиперката од сортата “Капија”, туку треба да размислуваат и за останатите сорти – вели внукот Бранко.

Планираат да вклучат повеќе кооперанти за откуп на земјоделски производи од регионот.

Ајварот за кој имаат инсталирано комплетна линија од миење, до печење лупење и мелење, ќе го подготвуваат од годинешната реколта пиперки со старт на преработувачкиот центар со околу илјада тони пиперки, со план за проширување. 

Освен што поголемиот дел од зеленчукот и овошјето ќе бидат од атарот на селото Славеј и кои потоа ќе се најдат во тегли со различна големина, и работната рака ќе биде од населеното место во кое никна вредната инвестиција. Доколку се исцрпат човечките ресурси кои одговараат за потребите на преработувачкиот погон, дури тогаш ќе размислуваат за ангажирање на лица од околните села.

Од инвестицијата сакаат сите да го почувствуваат ефектот. Селото се разубави, руинираната училишна зграда која даваше грда слика, сега блесна во објект кој ќе создава профит не само за сопствениците, туку извор на егзистенција ќе биде и за населението. Со инвестицијата во татковината, во сопствената почва, Петрески ќе може да го оплоди неколку деценискиот мачен печалбарски живот, со сатисфакција дека направил добар чекор преку кој се отворила иднина и сигурност за вработените и нивните семејства, а пак на американскиот пазар би се нудел производ кој сите би го барале со квалитетот и оригиналниот вкус со подготовка по домашен рецепт.  

Loading