Дека централните говори треба да бидат основа за македонскиот литературен јазик, прв почна да зборува Крсте Мисирков. Како централни говори тој ги споменува велешкиот, прилепскиот и битолскиот. Тука не постои некоја реска граница. Тие говори се земени само како основа. Лексиката се зема од сите говорни подрачја. Ќе цитираме едно искажување на Блаже Конески. Тој вели: “Сосема е погрешно да се мисли оти нашиот литературен јазик со сите свои гласовни и граматични одлики може да се поклопи со еден одреден народен говор. Таков говор нема, па е сосема неправилно да се рече оти литературниот јазик е прилепски или велешки или каков и да е друг”.
Не само кај нас. Никаде не постои литературен јазик кој со сите свои карактеристики се зборува во определено подрачје. Литературниот јазик треба да се учи. Да се совладаат многу елементи кои се зеле како норма. Никој не може и не смее да рече дека токму неговиот говор е оној, литературниот. Тоа особено се однесува на луѓето од централното јазично подрачје.
Рековме, литературниот јазик треба да се учи, да се совладаат граматичките, синтаксичките и сите други правила и норми. А што вели практиката? Се разбира, мислиме за медиумите. Дали оние што постојано ги слушаме и ги читаме го совладале литературниот јазик? Во најголем случај, би рекле, да! Го совладале. Сепак, грешките што ги прават се многу. Меѓу другите грешки што ги слушаме и читаме, присутни се и многу локализми. Понекогаш, според тоа, кој како зборува, ќе дознаеме од каде е. Ќе приведеме само два примери кои зборуваат токму за тоа.
Првиот пример! Ни соопштува презентерот дека некој извршил разбојништво. Извршил кражба. Слушаме: “Разбојникот му го земал паричникот”. Во скопскиот говор многу погрешна е формата на глаголот ЗЕМАЛ. Наместо да рече дека му го ЗЕЛ, тој вели му го ЗЕМАЛ. Глаголот ЗЕМАЛ е во минато неопределено време и е несвршен. А разбојникот ја завршил работата – го зел. Многупати слушаме погрешна употреба на овој глагол. Дури слушаме и песна: “Ти ми го зеде срцето, ти ми ја зеде душата, ти ми зема се”. Во скопскиот говор е така, но во литературниот, не е и не смее така. А на медиумите треба да се употребува литературен, а не локален говор. Во песните исто така.
Вториот пример! Во Прилеп се одржуваше Фестивалот на пивото. ПИВОФЕСТ. За време на одржувањето се јавуваат новинарите и не информираат за атмосферата, за посетеноста и за се друго што би било интересно и што треба да го разберат гледачите, читателите и слушателите. Еве, ги слушаме вестите на една наша телевизија. Надолго и нашироко известува новинарот за амбиентот во Прилеп. Новинарот вели: “Во Прилеп се јади скара и се пија пиво”. Еве го прилепскиот говор со своите деформитети. Глаголот ЈАДИ во Прилеп е од “И” групата, но во литературниот јазик е од групата “Е”. Значи, се ЈАДЕ, а не се ЈАДИ. Глаголот ПИЕ е исто така од “Е” групата и треба да гласи токму така, ПИЕ. Но, во Прилеп се вели ПИЈА. Наместо ПИЕМЕ се вели ПИЈАМЕ, наместо ПИЕТЕ се вели ПИЈАТЕ. Добро, во неврзани разговори прилепчани велат така, но новинар не смее така. Тој треба да зборува литературно. Значи: Во Прилеп се ЈАДЕ скара и се ПИЕ пиво.
Рековме пред малку дека според говорот честопати препознаваме кој од каде е. Случајов е таков, но грешката е голема. И кај едниот и кај другиот новинар.
Толку за локализмите. Во првиот пример употребена е именката ПАРИЧНИК. Упорно некои го туркаат тој збор, но нашиот јазик упорно го чувствува како туѓо тело и тој не може да си најде место. Најдете барем двајца луѓе кои во приватна конверзација би употребиле збор – ПАРИЧНИК. Имаме ние и ЧАНТЕ и ЌЕСЕ. Зошто сосила сакаме да внесеме во нашиот речник збор кој воопшто не ни е потребен? Србите велат НОВЧАНИК и ние трчаме по тој “урнек” па правиме ПАРИЧНИК. Кога се нема свој збор се позајмува туѓ или се создава нов. Само за пример. Своевремено имавме голема потреба од збор кој ќе го замени српското ЗАПОСЛУВАЊЕ. Благоја Корубин го предложи ВРАБОТУВАЊЕ и тој веднаш си најде место и фати корен. Паричникот ниту си најде место, ниту си фати корен. Тој е само неуспешно и непотребно калкирање (буквален превод) од српскиот НОВЧАНИК. Непотребно!
Благоја Ивчески