„ЗЛАТНИ“ БАБИ – ГОЛГЕТЕРКИ

На пензионерските спортски натпревари во Радовиш

– Женската екипа десетпати ја погоди мрежата од малите голчиња и беше најпрецизна во мегданот со ривалите

Penzionerki so zlato - Gjorgjoska Belokoska Filiposka i Dimkaroska

Христина Димкароска, Ружица Филипоска, Лилјана Ѓорѓиоска и Блага Белокоска се трите пензионерки, кои се “закитија” со злато на последните 21. Пензионерски спортски игри во Радовиш. Четирите баби во мегдан со колешките од осум најдобри региони во Македонија постигнаа најмногу погодоци во дисциплината “мали голчиња”. Ним им “легна” топката на шпицот од патиките и од 15 шутеви успеаја десетпати да ја затресат мрежата на голот, широк 1,25 метри, а оддалечен десет метри. Тие најпрецизно го нишанеа просторот меѓу стативите и пречката и станаа голгетерки меѓу пензионерките. Зад себе ги оставија Охриѓанки и Велешанки кои се пласираа на второто, односно третото место.

За да блесне златото на градите, за победата и освоеното прво место “фудбалерките” тренираат двапати неделно. Среќа имаше и í појде “од нога” најмногу на Христина Димкароска. Таа имаше стоотстотна ефикасност. Од пет удари, петпати ја погоди мрежата. За нијанса понепрецизна беше Ружица Филипоска со четири погодоци. На  Лилјана Ѓорѓиоска среќата и го заврте грбот и постигна само еден погодок. Белокоска беше резервен “играч”.

– На новата дисциплина и пензионерките покажаа дека, без разлика на годините и товарот од седмата деценија, Прилеп бил и  останува фудбалски град во Македонија. Вежбавме двапати неделно на терените од Паркот на револуцијата. Нé упатуваше на триковите за прецизно упатување на топката кон голот тренерот Борче Тодороски. Сите беа скептици и не веруваа дека со различното удирање на топката, ќе постигнам пет голови од пет удари. Ја удирам топката со врвот на патиката со десната нога, а другите поинаку. Сепак не е лесно да се погоди мал гол, од нешто повеќе од сто сантиметри на далечина од десет метри. Потребна е концентрација. Силен елан и желба за победа имаа колешките. И тие добро се носеа. Затоа го освоивме првото место. Тренинзите беа напорни, работевме вредно и упорно и дојдоа резултатите и победата. Порано бев спортист во дисциплината тргање на јаже. Кај “фудбалот” се покажав подобра благодарение на колешките – вели најдобрата баба – пензионерката и спортист, Димкароска.

– Бев добра атлетичарка на 60 метри. Во Радовиш пробав да гаѓам “голчиња”. Не е едноставно и лесно, но успеавме благодарение на “ногата” на Димкароска – вели Ѓорѓиоска.

Филипоска жали што им побегнало првото севкупно место на прилепските пензионери.

– Можевме да освоиме и уште подобри резултати. Охриѓани беа подобри само за седум-осум поени. Некогаш треба да нé следи среќата. Како и да е, пензионерите – спортисти го продолжуваат својот живот со физичките активности. И не само тоа. Животот ни е интересен, динамичен и здрав – вели Филипоска.

Покрај спортските афинитети пензионерката Белокоска е ороводец и пејач во КУД “Пенка Котеска”.

Пензионерите успеаја да освојат повеќе сребрени и бронзени медали, пласирајќи се на второто, односно трето место во фрлање  кошаркарски топки на кошеви, атлетика, стрелаштво, пикадо, тргање јаже, фрлање ѓуле и табла.

– Бевме добри спортисти. Постигнавме резултати, оти пензионерите ги впиваат укажувањата од колегите – тренери. Пласманот е за почит, бидејќи некои учесници врват 65 години, а некои се и над 70 годишна возраст – вели Борче Тодороски.  

Пензионерите, спортисти, со освоените 12 први места на регионалните спортски игри во Демир Хисар, во Радовиш севкупно го зазедоа второто место во многуте дисциплини меѓу колегите од земјава. 

Loading