IN MEMORIAM

ljuben dimkaroskiГо нема веќе меѓу нас добриот човек, големиот уметник, големиот патриот, идејниот творец на „Поетско Маркукуле“, прилепчанецот Љубен Димкароски. Си замина тивко, во петокот навечер, без фанфари, без говори, испратен само од неговите најблиски. Тоа било негова последна желба. И таа беше исполнета. Беше голем во добрината, беше голем во музичкото и поетското творештво, беше голем и во умирањето. Непосредно пред смртта, се врати од Љубљана во Прилеп вечно да се соедини со својата мајка, земја од која изникна и се извиши во оригинална, самосвесна и препознатлива уметничка вредност која добиваше признанија и респект во многу земји од светот.

Во оваа пригода нема подетално да се задржуваме на неговиот блескав животен и творечки пат. Таа задача им ја оставаме на неговите биографи. Ќе се потсетиме на Димкароски, на Љубен Димкаро, како си го викаа прилепчани, како на идеен творец и еден од основачите на “Поетско Маркукуле”, кое токму на денот кога беше погребан, се одржуваше неговото единаесетто издание. Какво поклопување! Не би го нарекле иронија на судбината, туку чудесно поклопување или, совпаѓање. Една убавина заминува додека другата убавина, создадена од првата, се движи наугоре и се повисоко и повисоко, допирајќи го со прстите прилепското небо под Марковите Кули.

Љубен, со Поетското Маркукуле, не сакаше да ги дели поетите на елитни и оние другите. Тој не преферираше натпревар во поетското творештво, бидејќи тој знаеше дека секое уметничко дело е уникатно и, тешко, мошне тешко е да се компарира со друго слично дело и само времето и никој друг, ќе го донесе и зацврсти својот вредносен суд. Затоа, велеше тој, да му оставиме на времето да си го каже своето.

И затоа, оваа поетска манифестација е таква каква што е: посебна, универзална во пораките и масовно посетена од Прилепчани, секоја година, без исклучок. И затоа, кај неа нема одлив, туку постојан наплив, кршејќи ги законите на физиката.

Најзаслужниот само навидум си замина. Тој не може да си замине, бидејќи е дел од неа, вткаен во неа како златна преѓа, како нејзин conditio sine cua non, како нејзино битие.

Вечна ти слава, Љубене Димкароски, сигурни сме дека твоето име набргу ќе ја краси алејата на славните прилепчани.

Loading