АСФАЛТ НА ПАТОТ ЗА ВОЛКОВО

Nova delnica protiv crnite tocki na patot Prilep - Gradsko

Изграден е локалниот пат од Прилеп до селото Волково долг 3,5 км., со 25 милиони денари од владината Агенција за рурален развој. Во Волково има околу 150 жители, но голем дел од прилепчани имаат ниви или викендички. Често го користат патот што претходно беше земјен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при посетата на Прилеп изврши увид на асфалтираниот пат.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека Општината планира наскоро да ги направи и локалните патишта до населените места со малку жители поради владините поволностите за лицата кои ќе се вратат во руралните средини.

– Последниве 11 години во општината се изградени преку 200 километри магистрални, регионални и локални патишта и улици во градот. При преземањето на функцијата, дури 62 отсто од улиците беа без асфалт, а градот имаше огромни проблеми со водоснабдувањето, бидејќи улиците немаа ниту канализациска, ниту водоводна мрежа – рече Ристески.

Според Ристески, изградени се 150 км. нова водоводна мрежа и градот се поредува меѓу општините со најдобро водоснабдување во Македонија. Изградени се нови 150.000 м2 парковски површини кои се наводнуваат од бунари со техничка вода со дарежливост од преку 150 литри во секунда.

СЕ ГРАДИ ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП

Веќе се гради првата фаза од експресниот пат Градско -Прилеп во должина од 10 км. од Фаришката до Дреновската Клисура. Патот се гради речиси на комплетно нова траса и ќе се спојува со стариот пат во клисурите каде што ќе има проширување. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изврши увид во градежните активности на експресниот пат Градско-Прилеп во должина од 33,5 километри со проценета вредност од 70 милиони евра.

– Инвестицијата за тој дел од трасата е 31,8 милион евра. Градежните активности ги реализира шпанската компанија Рубау. Досега се исчистени 70 отсто од овој дел од трасата на која се планира да се изградат 15 моста и вијадукти, а по завршувањето ќе се вози со просечна брзина од 80 километри на час – рече Груевски.

На трасата ќе има два тунела, еден од 40 и еден од 140 метри.

– Ова е најтешкиот дел од патот. Во втората фаза, во текот на 2017 година се планира да почнат градежните работи на делницата Градско – Росоман – клучка Кавадарци во должина од 16 километри, со проценета вредност на градба од 31,4 милион евра. Изградбата на овој дел треба да трае 24 месеци. Во третата фаза ќе се проширува делницата од Тројаци до Плетвар и влезот кај Прилеп, во должина од 7,5 километри, за што е изготвена проектна документација. Проценетата вредност е 5,7 милиони евра. За оваа делница, во почетокот на следната година ќе се распише повик за изведување градежни работи – рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Според него, се очекува експресниот пат од Градско до Прилеп, кој се гради со средства од Европската банка за обнова и развој, целосно да биде готов за три до четири години. Стариот пат од Градско до Прилеп се планира да остане како регионален пат. Почнато е и асфалтирањето на патот за Вашарејци кој беше ветен при минатонеделната посета на крушевското село Бучин.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека веќе е завршена изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Следниот месец почнув гасоводот за Неготино, а до година ќе се прави и гасоводната линија за Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола. Му посочи на градоначалникот Ристески дека во втората половина наредната година Прилеп ќе биде приклучен на гасоводната мрежа.

Најави дека се планираат нови 150 вработувања во Македонија пат, заради потребата од поголема работна сила за расчистување на трасата на експресниот пат од Прилеп до Градско.   

Loading