ВЕЛЕШАНИ РАСТАТ ОРИЗ!

ivce1Наш дневен весник. На половина страница наслов со крупни букви: “Велешани растат ориз крај Тополка за кои се грабаат дури и Кочанците“. Ни го привлече вниманието зборот (глагол) – РАСТАТ. Не сме го сретнале досега во ваква функција. И не треба да го среќаваме. Што означува зборот – РАСТЕ? Ќе наведеме неколку толкувања од Речникот на Зозе Мургоски. Таму се вели дека РАСТЕ значи нешто што се зголемува во висина, во број, во степен и слично. Можеме да речеме дека овие денови температурата ќе РАСТЕ. За човек може да се рече дека станува поголем, повисок. За растение може да се рече дека на такво и такво место РАСТЕ папрат. Под дејство на квасецот, тестото РАСТЕ. РАСТЕ водостојот на реките.

Воопшто растењето претставува некаков процес. Човекот може да влијае на тој процес, да го помогне растењето, но не може да учествува во самиот процес. Затоа, сосема погрешно е тврдењето дека велешани РАСТАТ ориз. Тие можат да го одгледуваат, да го произведуваат оризот, но не може да го РАСТАТ. Што би било ако почнеме да велиме дека ресенчани РАСТАТ јаболка, дека Тиквешани РАСТАТ лозја. А прилепчани пак, РАСТАТ тутун. Ако прашате некој прилепчанец со што се занимава, сигурно нема да ви рече – РАСТАМ тутун, туку ќе рече дека произведува тутун или едноставно дека сади тутун. Во многу ретки случаи некој може да рече: “ПОРАСНАВ тројца синови“, но нема никогаш да рече: “РАСТАМ деца“.

Подвлекуваме уште еднаш дека во односниот наслов, глаголот РАСТАТ е погрешно употребен. Во истиот напис, среќаваме поднаслов: “Булгурот се чува за свечености“.  Чудно е зошто е употребена именката БУЛГУР. Во сите Речници одбележана е како БУНГУР. Колку што ни е нам познато во прилепскиот крај го викаат БОНГУР. За оние што не знаат да објасниме што е тоа БУНГУР. Тоа е грубо мелена, односно кршена пченица. Тоа се прави (се правеше) со специјална рачна мелница. Таквата пченица се користеше како замена за ориз при приготвување на определени јадења. Таа рачна мелница се состои од два воденички камења, но многу помали од оние што се користат во водениците. Пченицата се тура на определен начин меѓу камењата и горниот камен се задвижува, се врти, рачно. Бидејќи не е толку тежок за да ја сомеле пченицата, туку само ја крши. Таквата мелница на понекои места ја викаат – РАЧНИЦИ (таму каде што нам ни е познато). РАЧНИЦИТЕ се користеа и за некои други потреби. Си спомнуваме дека со нив старите мелеа пиперки за правење “буковска“ пипер. Речиси да немаше куќа (барем по селата), а да нема таква мелница, такви РАЧНИЦИ.

Ќе се префрлиме на една друга тема. Во истиот дневен весник постои рубрика – ВРЕМЕПЛОВ. Убаво. Одбележани се некои настани кои се случувале на тој ден во минатото. Сретнавме податок дека на 27 мај 1868 е роден српскиот писател Алекса Шантиќ. Се споменуваат повеќе негови дела, меѓу кои, како што се вели, антологиската песна “Останете тука“. Вечна грешка. Скопјани забораваат дека освен прилогот (за место) ТУКА , постои и прилог – ОВДЕ. Токму така треба да гласи насловот на познатата песна – “Останете овде“. Оригиналот (на српски) гласи – “Остајте овдје“. Многупати сме констатирале дека порано, некогаш, грижата за јазикот беше поголема. Многу поголема! Пребаравме во некои учебници од постаро време. Тогаш, за времето на Југославија, во средните училишта се изучуваше литературата и од другите југословенски републики. Го пронајдовме во учебникот името на Алекса Шантиќ. Го сретнавме и насловот на познатата песна. Нормално, во тоа време, преведена и отпечатена како што треба – “Останете овде“. Сега нашиве преведувачи му ја изменија мислата на Алекса Шантиќ. Зашто ОВДЕ и ТУКА. не е исто.

Отфрлањето на прилогот ОВДЕ е карактеристично за скопскиот говор. Од скопските телевизии ја слушаме таа грешка редовно. Но, за чудо, тоа го прифаќаат и локалните медиуми, и не само тие. Ја слушаме таа грешка во излагањето на луѓе од најразлични профили.

Ете така! Велешани “растат“ ориз, а во нашиот јазик расте бројот на грешките. Голем! Преголем е тој број! 

Loading