ПРИЛЕП ВО ПОСИЛЕН КУП – ЕХФ

Ракомет

Rakomet prilep

Наместо во Челинџ, екипата на Прилеп ќе настапува во европскиот ЕХФ куп. Измената е поради откажувањето на МАКС Струмица, екипа што требаше да биде во таа улога, со оглед на освоеното трето место од суперлигашката табела. Откажувањето е од финансиски причини. Прилеп, како четвртопласиран тим, прифати да учествува за еден степен во посилниот куп.

– Новата ситуација изнуди две измени. Наместо МАКС Струмица ние сме во ЕХФ купот. Нашето место во Челинџ купот го зеде Пелистер, бидејќи подобропласираните Охрид и Работнички откажаа – информираат од Прилеп.

Лани во овој куп македонски претставник беше токму МАКС Струмица. Во првото коло немаше противник, а во второто, во октомври, со два пораза се случи елиминација од исландскиот Хаукар. И некогашниот Тутунски има учествувано во истиот куп. На дебито, во далечната 1993 во првото коло отпадна од словенечкиот Андор Јадран Козина. Ждрепката за овогодишниот ЕХФ куп веројатно ќе биде кон крајот на месецов.

– Ова е мало изненадување. Се подготвувавме за Челинџ, а сега е ЕХФ купот. Построги се критериумите за сала и слично. Подготвени сме за организација на највисоко ниво. Останува да се обезбеди салата – истакнуваат во Прилеп.

Одморот трае, а две – три засилувања се очекуваат до првиот собир кон крајот на јули или почетокот од август.

Loading