КВО ВАДИС

ivce1На програмата на Македонското радио се емитува емисија со наслов – „Кво вадис“. Земен е латинскиот израз „Кво вадис“ што значи „Каде одиш“ .

Во нашево општество ваквото прашање може да се постави многупати и за многу нешта. Во врска со јазикот таквиот проблем е секогаш актуелен. Во кој правец тргнавме? Каде одиме со јазикот, со нашиот јазик? Со најсилниот идентитетски белег.

Во споменатата емисија на радиото, тема на разговор беше токму тоа, проблемите во употребата на стандардниот македонски јазик. Ретка, премногу ретка е оваа тема во програмите на нашите медиуми. На телевизиите е поретка од ретка, во весниците никаква. Убаво е што уредништвото на Радио Скопје, се заинтересирало за овој проблем.

Слушавме една ваква емисија. Не од почеток, но тоа и не е важно. Разговараа новинар и професорка по македонски јазик. Новинарот поставува прашања, професорката опширно одговара. Општиот заклучок е дека и таа изразува загриженост за состојбата со нашиот јазик. Изнесува многу забелешки за новинарите, наставниците, и особено за политичарите. Навистина, секојдневните грешки се многубројни. Човек често трпи влијание и го губи критериумот (сопствен), па почнува несвесно и да употребува такви грешки. Обрнувавме големо внимание и на говорот на професорката, а и на новинарот што ги поставуваше прашањата. Во целост, јазикот беше коректен (си земаме слобода за таква констатација), но и двајцата го подзагубиле имунитетот и подлегнале на секојдневниот јазичен неред. Ќе набележиме два примера што ги регистриравме. Во еден момент професорката ги набројува професиите во кои луѓето се должни да го познаваат беспрекорно стандардниот македонски јазик. Споменати беа новинарите, професорите, актерите, и повеќе други. Сите тие треба да го познаваат јазикот ПОШТО тој бил алатка во нивната работа. Ова не го пишуваме за да ја критикуваме професорката. Таа, навистина зборуваше мошне убаво и чисто. Сакаме само да потврдиме колку може да биде силно влијанието на средината. Зборот ПОШТО го слушаме многу често. И ете, понекогаш се случува тој како натрапник, да влезе и во речникот на оние кои знаат (или треба да знаат) дека тој е туѓ. Зар не е нормално и правилно, ако речеме дека новинарите се должни да го познаваат јазикот, БИДЕЈЌИ тој е алатка во нивната работа! Можеме да речеме и – ЗАТОА ШТО е алатка, може и ЗАШТО тој е алатка. Ама, ете, зборот ПОШТО го употребуваат луѓе од најразлични профили. Грешка е тоа. Се употребува понекогаш еден застарен збор (израз), кога треба да се каже дека некој продава некаква стока многу евтино. Се вели – ПОШТОЗАШТО. Но, многу ретко и само во такви случаи.

Новинарот прави голема грешка кога ја прашува професорката: “Колку нашите новинари го знаат јазикот“? Воопшто не е свесен дека прави грешка. Не само тој туку речиси сите негови колеги. Никој не помислува дека според нашата синтакса по прашалниот збор (колку) доаѓа глаголот. Реченицата треба да гласи: “Колку го знаат јазикот нашите новинари“ . А токму тие, новинарите се највиновни за ваквите грешки. Ќе добие некој некаква награда и тие ќе се истрчаат со микрофонот в раце и прашуваат: “ Што за вас значи оваа награда“ наместо – “Што значи за вас оваа награда“ ? Колку ли пати сме слушнале или сме прочитале: “Колку Пржинскиот договор ќе помогне да се реши кризата“? Запомнете господа новинари: “Колку ќе помогне Пржинскиот договор да се реши кризата“? Ваквите грешки изгледаат како да не постојат. Никој не обрнува внимание на тоа. А важно е. Необично важно. Токму со искривоколчувањето на синтаксата се нарушува конструкцијата на нашиот јазик. Ритмиката се нарушува. Тоа е многу важно. Тоа се особеностите во нашиот јазик. Вакви грешки не само што сретнавме кај новинарот во односната емисија, туку сретнавме и во одговорите на професорката.

Затоа велиме дека попушта отпорот и кај оние кои се навистина загрижени за чистотата на нашиот јазик. А малку се оние што се загрижени. Мнозинството оди во погрешен правец! Каде? До каде? КВО ВАДИС Македонецу.

Loading