ПИВО ФЕСТ, ПИВО-ФЕСТ ИЛИ ПИВОФЕСТ

ivce1По подолго размислување и колебање го започнуваме овој напис. Уште од пред неколку години. По долго пребарување, споредување, анализирање, решивме да го кажеме своето мислење. И, (веруваме) не само своето. За што станува збор? Повеќе години Прилеп е препознатлив по одржувањето на Фестивалот на пивото. Јули месец е времето за оваа голема манифестација. Многу гости. Огромно количество испиено пиво и изедена скара. Музика, расположение. Надалеку познати естрадни музички ѕвезди. Финансискиот ефект голем. Се убаво. А има ли и некоја мана? Да! Голема. Името на фестивалот. Рековме дека тоа е Фестивал на пивото. Но, секогаш се бара пократок, постегнат, попрецизен термин. Убаво. Организаторот (или можеби некој друг) го крстил – ПИВО ФЕСТ. А дали згрешил? Да! Тоа треба да биде еден збор – ПИВОФЕСТ. И еве сега пребарувања по разно-разни речници, учебници и помагала. Постојат именки (сложени) составени од два збора. Во случајов најмногу не интересираат сложените именки образувани од две општи (и не само општи) именки.

Во Правописот (издаден 1979-та година) на страницата 44 пишува дека сложените именки на кои составните компоненти им се поврзани со “О” или “Е”, се пишуваат слеано. Наведени се повеќе примери, а ние ќе набележиме само неколку. ДРВОРЕД, ОРОВОДЕЦ, СЕНОКОС. Сите се составени од две именки, на пример: Од именките ДРВО и РЕД кои си имаат секоја посебно свое значење, сега добиваме сложена именка со нов, поинаков поим – ДРВОРЕД. Ќе наведеме и една друга сложена именка која е одбележана во сите речници, а тоа е – ПИВОКВАС, освежувачки пијалак. Овде веќе не постојат никакви дилеми. Именките ПИВО и КВАС се наполно сраснати и образуваат сосема нов збор, со посебно значење. Вака (слеано) се пишуваат и имињата на празниците – МИТРОВДЕН, ПЕТРОВДЕН и слично. Можеби паѓа в очи дека овде првата компонента не е именка туку придавка – МИТРОВ, ПЕТРОВ. Точно е тоа. Но имаме и ИВАНДЕН, раѓањето на Јован Крстител. Имаме СТЕВАНДЕН – две именки, СТЕВАН и ДЕН.

Две именки што се дополнуваат меѓусебно по значење за да означат еден поим, а не се доволно сраснати меѓу себе, се пишуваат со цртичка: СПОМЕН-ПЛОЧА, НАЦРТ-ЗАКОН, ЖИРО-СМЕТКА и други. Што правиме сега со ПИВО ФЕСТ, ПИВО-ФЕСТ и ПИВОФЕСТ. Првата варијанта (ПИВО ФЕСТ) дефинитивно отпаѓа. Тука имаме спој на две именки или поточно речено една именка (ПИВО) и втората компонента ФЕСТ (дел од друга именка), која самата посебно не значи ништо. Можеби и токму тоа не тера да мислиме дека цртичката тука е непотребна. Рековме дека имињата на празниците се пишуваат слеано (ИВАНДЕН). Па и самиот Фестивал на пивото е во некоја смисла празник или определена празничност. Самиот збор ФЕСТИВАЛ значи ден или период на прослава на нешто. Имаме и Театарски фестивал – “Војдан Чернодрински”, исто така празнична свеченост. Добро е што никој не се сетил да го крсти ТЕАТАР ФЕСТ. И во Битола имало некој фестивал. И тие си го крстиле потамина – ЛОКУМ ФЕСТ. Но, ајде за тој фестивал кој ќе чуе кој не. А за Фестивалот на пивото во Прилеп се знае многу пошироко и надвор од нашава земја. Срамота е за градот ако на сите флаери, на сите плакати и билборди пишува ПИВО ФЕСТ како што не треба. Сме прочитале за музичкиот фестивал во Штип, напишано е како еден збор – МАКФЕСТ. Така треба. Своевремено во Прилеп постоеше фабрика која се занимаваше со текстилни производи. Според месната заедница Рид (каде беше лоцирана) се викаше РИДТЕКСТ составена од два збора, именката РИД и скратената форма од именката ТЕКСТИЛ. Многу слична сложенка на ПИВОФЕСТ. Уште поубав пример – СЕНОКОС. Именката СЕНО и скратената форма од именката КОСИДБА се добила нова именка СЕНОКОС.

Сите компоненти, сите примери, сите укажувања, водат кон тоа дека именката треба да гласи ПИВОФЕСТ, еден збор. Кумот на тоа – ПИВО ФЕСТ, треба малку да размисли. Да се консултира со покомпетентни инстанци. Да изврши корекција. Ова не е единствена грешка(јазична) со која се легитимираме како град. Па и како држава.                                                                       

Loading