АВЕТНИ МОРНИЦИ ИЗВИРААТ ОД НЕКОГАШНИОТ БИСЕР

МОТЕЛОТ „ЕЗЕРО

– Покрај забот на времето, вандалите го докрајчиле објектот

Pokraj zabot na vremeto vandalite vo meguvreme se potrudile da go dokrajcat objektot

Со урнат покрив, без врати и прозорци, ѓубре и троскот на сите страни, мотелот “Езеро” над браната на вештачкото езеро, кој некогаш имаше сместувачки капацитет од 12 двокреветни соби и два апартмани, две сали – една со 200 седишта и друга со 150, како и летна тераса, опремен со кујна, бар, денес претставува морничава руина, налик на сценографија за хорор филм.

Додека Прилеп се бори за повеќе сместувачки и угостителски можности, особено во времето на поголеми манифестации, меѓу кои е и Пивофестот, со години пропаѓа познатиот мотел крај вештачкото езеро, на 7 километри од градот. Тој беше омилено место за одмор, рекреација и за веселби. Објектот веќе се продава, но нема интересна понуда за атрактивната локација. И во “кризни периоди”, не изчезнува надежта дека ќе се најде инвеститор да го преземе, комплетно да го реконструира и да го врати стариот сјај на мотел со излетнички простор и глетка кон езерото што мами.

Hotelskite sobi se samo prazni dupki od kade za volja na vistinata ima preubav pogled kon ezeroto

Екипата на неделникот “Зенит” ја надвладеа љубопитноста, не да видиме што останало од мотелот, тоа одамна е познато, туку да ги документираме спомените заборавени од многумина.

Првиот поглед е застрашувачки. Запустен мотел, во поодмината фаза на распаѓање, купишта ѓубре и градежен шут. Иако речиси избледнеле трагите дека објектот бил мотелот во кој некогаш вриело луѓе, се правеле забави, свадби, одвај се читаа буквите на остатоците од фирмата, сопственик, автотранспортното претпријатие “Пелагонија турист”. Веќе ни името не му се знае од руинираниот мотел на брегот на езерото. Како што се чекори кон внатрешноста, така “оживуваат духовите” од некогашното место за уживање со сите сетила, познато како елитно врталиште на прилепчани од седумдесеттите, осумдесеттите, па и деведесеттите години од минатиот век. На секој чекор крцкаат остатоците од искршени стакла кои низ празните простори ечат и создаваат впечаток на застрашувачки, аветски објект. Внимателноста би требало да се подигне на највисоко ниво, оти не е исклучено објектот да е претворен во дувло на змии, гуштери и на други влекачи и инсекти кои демнат од сите страни, покрај гнездата на разно-разни птици на распаднатите тавани. Вџашеност буи и поради навирање на спомените на незаборавни прослави на дочек на Нова година, избори на спортисти, другарски вечери во присуство на познати естрадни уметници од поранешните ЈУ простори  во  некогашниот грандиозен угостителско – сместувачки објект.

Hodnicite nese prazni tuku polni so kupista gjubre

А сега небаре се влегува во тврдина од некоја хорор филм и не знаеш на што ќе налеташ, а уште помалку ја знаеш приказната што се крие низ лавиринтите на руинираните одаи, кои некогаш беа полни со гости. Мотелот е привлечна дестинација само за крадците и вандалите и оние “случајните минувачи” за ноќните прошетки околу езерото, далеку од градот. Кој знае какви тајни крие ова место. Не само од времето на веселбите, туку пред распаѓањето. Се шушкаше дека е легло на наркомани, локација за љубов, па и за пијанки и оргии зад затворени врати. Од дестинацијата остана само огорченост, што никој повеќе не сака да стапне низ некогашниот бисер. А што друго ќе најде, освен купишта прашиништа.

Сепак низ мистеријата се насетува некогашната голема сала. Ред парчиња стакло, ред искршени цигли, плочки… Тоа беше патеката кон езерото, кон летната тераса, низ чии остатоци од плочки никнуваат и растат треви, пиреј и жбунови. Некогаш поплочените скали се преполовени. Да пазиш каде газиш. Мебелот одамна го нема, освен шанкот низ пепелта разнесувана од ветерот, ѕиркаат парчиња завеси кои ги краселе прозорците. Подот е искорнат до дното. Некогашното лоби е полно со срчи и остри предмети. Покрај забот на времето, вандалите го докрајчувале со уривање на ѕидовите во потрага по електричната и водоводната инсталација, собирана за прилепските отпади. Тек-тук се најдува по некој прозорец, покрај влезовите во собите без врати, но со остатоци од дрвени каси. Сé е разотворено, искршено и дотраено. Искорнати се и гипскартонските ѕидови и дрвени подлоги. Се откорнал и малтерот до циглите. Кака што трнал  грабежот, и нив ќе ги снема по неколку години. Наместо штекери, има само празни дупки. Опасно е движењето по терасите, оти ги нема оградите. Провиснале и таванските трски. А само на еден од многуте ѕидови, веројатно близу кујната, стои шаренолик тапет. Операторите, којзнае од кои причини отворале дупки за да зјае и да се гледа надворешноста.

DSCN7781

Пустош. Купишта ѓубре на сите страни, од ходниците до собите. Остатоци од шишиња, документи, свадбени мениа, сметки, фактури… Останале “живи” сведоци дека имало ресторан, мотел…,  дека гости од секаде се воодушевувале на глетката кон вештачкото езеро и природната красотија на околните дрвја додека престојувале во некоја од собите или апартманите на угостителскиот објект.

А мотелот, за своето време, навистина беше во категоријата со неколку ѕвезди. Беше раскошен, проектиран и уреден од искусен архитект, дотеран по современи стандарди со сите нишани, послан со травертински плочки, топли подови од модерени материјали и уметнички дотерани ѕидови. И придружните објекти на ресторанската сала блескаа со дрвениот шанк, креативно предвидените тераси во внатрешноста и надвор и со полната опрема на кујната. Дел од просторот се користеше за сместувачки објект по високи мерила за квалитет за престој на гостите.

Ni imeto ne mu se znae a kamoli nesto drugo da ostanalo od motel nad branata na ezeroto

Бледнеат забавите со жива музика. Што може да се очекува од “тврдината” оставена на забот на времето, на негрижата и несовеста. На многумина им навираат солзи, плач од останките од мотел од нивната младост, каде не само што се раѓале првите љубови и симпатии, каде се “краделе” и првите бакнежи, туку и каде го славеле нивното крунисување со свет чин – венчавка.

Минатото е едно, а сегашноста сведочи за тивката “смрт” на некогашното славно и популарно место.

Можеби ниту глетката не е така привлечна. Живописноста на околината ја нарушува руината. Затоа душата бара што побрзо да се побегне од човечката и природната немилост.

“Добро е што некој се сети да напише рапорт за мотелот.” Со овие зборови нé пречекаа изведувачи на патарските работи на асфалтниот пат.

– Каква штета да пропадне толку голема градба. Тешко дека ова може да се обнови. Би биле потребни милиони евра мотелот повторно да заличи на тоа што беше некогаш. Можеби некој ќе се сети на тие времиња и ќе се стори напор да “оживее” – велат патарите. 

Тажната приказна на некогашниот бисер на вештачкото езеро се чини нема крај. Природата чекала, но не дочекала да дојде друг сопственик. Соголените ѕидови не даваат знаци за живот. 

Otkornati se cevkite ve-ce soljite ostavajki del od plockite da bleskaat vo rusevinata

Loading