МАКЕДОНИЈА ЗА МЕНЕ Е ВТОРИОТ ДОМ

Ракомет: Дмитриј Турченко, десно крило

– Планот е настап уште една сезона во истиот дрес

Turcenko so trenerot Petreski

Летото е за одмор и сумирање на впечатоците. Минатата сезона преку освоеното четврто место, е една од најуспешните во последните 15 години за ракометната екипа на Прилеп. Придонес како од домашните ракометари, имаше и од засилувањата. По десната крилна позиција одлично се покажа Украинецот Дмитриј Турченко. Широк спектар на мајсторски потези, лоб – удари. Беше меѓу најдобрите стрелци.

Како помина престојот во Прилеп?

– Македонија е мојот втор дом. Поминаа добро 10 месеци во Прилеп. На спортски план, сум задоволен. Имаше некои проблеми во секојдневиот живот. Се надевам дека тоа ќе се поправи во следната етапа.

Сезоната?

– Се постигна задачата од Управата. Првенството го оценувам позитивно низ пласманот на четвртото место. Одлучувачки фактор беше поставената игра и атмосфера на тренерот Томче Петрески.

Кој натпревар би го издвоиле?

– Триумфот над Работнички на гости. Пласманот во европскиот Челенџ куп го обезбедивме со тие бодови.

Играта на десно крило?

– Имав добри, но и неколку лоши натпревари. Генерално, на цела сезона – задоволен сум.

Иднината на Прилеп?

– Тимот може да биде подобар со засилувања и добри услови во секојдневниот живот. Тоа е можност да се подигне квалитетот.

Како се одморате?

– Цело лето го минувам со семејството.

Ве очекуваме на прозивката?

– Претходно се договорив да настапувам уште една сезона во Прилеп. Сигурно ќе знам на крајот од јули.

Прво засилување

За настапите во купот Челенџ, но и за првенството во Супер лигата, екипата на Прилеп најави две – три засилувања. Првото е веќе договорено и се реализирани сите формалности. Клубот наскоро ќе излезе со објавување на неговото име. Се работи за повратник во клубот.

Останатите нови се очекуваат до прозивката кон крајот на јули или почетокот на август.

Loading