ВОЕНА БОЛНИЦА В ЦРКВА

Во селото Марул

Tome VeljanovskiСо продорот на германско-австриските армии кај Белград на 9 октомври 1915 година, српската армија почна да се повлекува на југ кон Грција за Солун. Бугарската и македонската армија влегоа во офанзива од кај Ниш и Куманово на 11 октомври и í го пресекоа патот кај Приштина. Српската војска ја промени насоката преку Призрен кон Албанија. Зимата 1916 година, преку Албанија, со големи човечки жртви од над 60 илјади војници, стигна на островот Крв на Јонското Море, пречекана од англо-француските воени сили. Германските армии заедно со бугарските го отворија јужниот фронт, познат како Солунски фронт, од островот Тасос, Источна Македонија до Отранскиот премин меѓу Јадранот и Јонското Море кај Италија.

Германско-бугарските армии се утврдија на првите борбени линии на јужниот фронт кој врвел преку Кожув, Ниџе кај Битола, до Јандранско Море во Албанија. Втората резервна борбена линија врвела преку нашите краеви. Населението меѓу двете линии било иселено, претежно во Прилеп. Германско-бугарските сили интензивно ги напаѓале противниците на англо-француските војски. Народот стардал од двете страни на фронтот.

Немало современи објекти за лечење на ранетите војници. Како прв објект за болница, германските воени сили ја зеле црквата Св. Богородица во селото Марул со 60 м2. Храмот се наоѓал во природно заштитена место, со повисоки брегови и незабележителен за бомбардирање на француско – англиските сили. Германската воена команда ги отстранила иконите и наместиле болнички кревети. Ги лечеле ранетите војници од фронтот. Постоела како хуманитарен објект од есента 1915 до ноември 1918 година, кога се потпишало примирје.

Марулските верници немале пристап за молитва во црквата. Починатите ги погребувале во гробиштата со сите адети и молитви. И по крајот на војната не се употребувала црквата за религиозни потреби. Тогашните власти не дозволувале, оти требало да се освети. Марулците не можеле да се замислат без црква. Давале сé од себе за што поскоро да се освети.

СтрелиШте за топови и балон

Германците во селото имале и други воени објекти за фронтот. На стотина метри од црквата во оградата на бегот Емин имало стрелиште за обука со тешко оружје, за топови. Топовите биле поставени на долниот крај на оградата, а во далечина од 1,5 км. имало поставени мети. Надвор од оградата било стрелиштето за митралези, а метите над црквата. Војниците се испраќале на фронтот кога ќе ја завршеле обуката. На ридот Николев Кладенец, Германците поставиле набљудувачки балон кој се кревал во утринските часови и до неколку километри да ја надгледува положбата на противничката страна. Штом ќе го забележеле, Французите почнувале да го пукаат, а Германците го сметнувале леталото. Во близина имало огромен топ од неколку стотини метри кој со помош на балонот гаѓал по француските објекти и позиции. Лежиштето на топот, градено од камен и цемент, постои и ден денес. Кога ќе пукал овој топ, се треселе и крцкале вратите на селските куќи. Командант на набљудувачите бил мајор со седиште во собичката во нашата куќа. Честопати добивал пакет, плачејќи за своите деца. Затоа делел чоколада на маалските деца.

Во местото Чуките, Германците имале огромна куќа за подготовка на храна за војската на фронтот. Деца оделе наутро кај казаните по храна. Сите деца добивале војнички порции во канчиња со тел за носење. Готвачите им давале лажици за јадење. Во разговорите велеле дека германската кујна ги спасила од глад и смрт.

Се правел и патот од селата Алинци, Шелеверци, Канатларци, Подмол, Мојно до Маково. При тоа германските војници давале чоколада. На мостот кај чешмите стоеше метална табла од 1917 година.

Во Марул имало и бугарска кујна во кулата на бегот Амдија Утоски. Децата не оделе по храната, оти готвачот ставал во чорбата желки, страчки, чавки, пупунци и сé друго што ќе му дошло при рака. Постарите не се жалеле од односот на Германците. Немало ниту  кражби, ниту насилно однесување кон месното население. Конечно на 11 ноември 1918 г. завршила војната, а селото останало запустено без ниту едно дрво во полето или некоја птица да запее. Само во местото Орев куртулила една јасика, која изгорела 1956 г.,  кога некој í го запали коренот и преку ноќта изгоре целата.

Загинати марулци

Точно 12 марулски војници загинале на фронтовите од 1914 до 1918 г.. Осуммина директно загинале на фронтовите и четворицата ранети на фронтот кои биле пуштени на домашно лекување, починале дома. Тие гинеле на српската или бугарската страна без да знаат за што гинат. Биле користени, а заборавени од двете страни. За нив не била мајка ниту Србија, ниту маќеа Бугарија. Српските власти ги терале жандарите да лежат покрај патиштата во житото, пченките и сончогледите, за да наслушуваат каков говор зборуваат патниците. Ако говореле македонски, излегувале пред патниците и ги казнувале со пари. Бугарските власти со долги ражени дупеле во сламите, барајќи сокриено жито. Некои, ако ги слушнеле децата да зборуваат македонски, со змби им ги дупеле јазичињата. Се претставувале како македонски ослободители кои и ден денес мечтаат за ова македонско парче земја.

Македонци во две униформи

Во шведскиот илустриран историски албум, со записи од продорот на германско-бугарските армии против српските војски во 1915 г. стои дека македонска армија се создала од македонски војници кои служеле во српската војска, а дезертирале од Бугарија. Македонците заробени од германската војска, биле транспортирани во Бугарија. Од тие Македонци е основана 11. македонска дивизија од 36 илјади македонски војници. За командант на дивизијата, германската команда го поставила Македонецот, Тодор Александров. Најдобра слика за Првата светска војна е книгата Пиреј од Петре М. Андреевски.  Таа е сведок за марулските жртви во Првата светска војна. Како српски војници загинале Сребре Танески, Стојан Дојчиноски, Најдо Кармакоски, Огне и Трајче Гулабоски и Боне Мурџески. На бугарската страна загинале, Анѓеле Јованоски и Марко Колески. Починати на домашно лекување како бугарски војници биле Крсте Здравески, Тале Кармакоски, Стојан Мурџески и Велјан Танески. Повеќето од половината ги оставиле децата сирачиња и жените вдовици. Ристе Јанкоски, Ристе Јовчески и Илија Котески биле ранети на фронтовите, но преживеале од добиените повреди.

Од болница, пак храм

Откако завршила војната во 1918 г. марулчани не можеле да служат разни религиозни адети во црквата, затоа што властите не дозволувале. Се сметало дека црквата е испоганета од германските непријатели. Жителите не можеле да се замислат без свет дом,  потребен за венчавки, крштевки и за починатите. Во 1925 година, дошле пазарени мајстори, сликари и цртачи и го сработиле иконостасот за три месеци. Иконостасот се изведувал во кулата на бегот Тефик Утоски, подоцна Курелоска. Мајсторите направиле политична грешка на мермерната плоча вградена во ѕидот уште во 1859 г. Додале текст дека Бугарите ја испоганиле црквата. Тоа е лажна политичка порака, оти тие немале ништо со црквата. Таа била германска болница. На 20 септември 1924 г., преспанско – битолскиот архиереј Јосиф Цвијовиќ со свештеници и службата за безбедност од селото биле пречекани и сместени во кулата Колеска кај притропот Стојан Колески. На 21 септември 1925 г. на селската слава Мала Богородица пред многу народ била вторпат осветена црквата. Да види народот, сред село бил донесен запрежниот метален плуг, купен од Стојче Танески. Исчезнале и гугучките од селото поради војната. Марулците од Прилеп донесле повеќе гугутки, кои ги пуштиле како симбол за мир и слога на денот на осветувањето. Се вратиле и марулските политички затвореници од пожаревачкиот затвор.

Покана за соработка

Потомците на Марул се свесни дека нема омраза меѓу  населението и германската војска. Затоа, ги покануваме потомствата на војниците, на прадедовците, ако некој знае, да видат каде се лечеле и излекувале и добиле здравје од оваа болница в црква. Секогаш се добродојдени во црквата и за проширување на пријателствата и соработка, оти, како војници, Германците никогаш не би дошле во нашите краеви ако не ги принудела некоја сила.

Како што Германците сакаат да ги одржуваат воените гробови од Првата светска војна во Прилеп, Битола и низ Македонија, бараме од германската држава да ни излезат во пресрет со некоја хуманитарна помош, не во парични средства, туку како помош за изградба на патишта. Се работи за два патишта – да се тампонира патот од местото Шатур кај Чумово, преку Ушите до црквата во Марул, долг 9 км. Или, да се асфалтира патот од Метилојца до црквата во Марул од 2700 м.

Ако помогнат, ќе може да постават спомен плоча во црквената просторија. Марулските потомци ќе бидат благодарни. Никогаш не застарува хуманото дело кое ќе се прераскажува од постарите на помладите марулски генерации како што било од памтивек.

Починати Жители во Првата светска војна

Повеќето починати цивили од Марул умреле од глад, тифус, туберкулоза, колера, офтика и тн. Списокот е запишан по ред, како што се шета по куќи за Коледе и Василица.

Дојчиноски, Јолески, Каранфил и Каранфилица, Дојчиноска Јолејца – Коприна и нејзината ќерка Траенка. Кај Димитрија Гулабоски нема умрени. Здравеска Николица – Дона, Мурџески Митре и Митрејца – Митра, Цветаница (име непознато), Петројца – Султана, Јован и Јованица (нејзино име непознато), Стојаница – Темјана, Колеска Маркојца – Грозда, Колеска Крстејца – Трендафилка, Колески Трајче и Трајчејца – Грозда, Павлески Тончо, Здравеска Стојаница – Чона, Танески Атанас, Танески Ристе, Котеска Илица – Елена, Дамјаноски Васил, Дамјаноска Стојница – Благуна, Дамјаноска Мицојца – Аца и нејзиното дете единаче (име непознато), Дамјаноска Јованица – Таса и нејзиното дете, едино (име непознато), Јованоски Јованче, Гулабоски Мијајле, Велјаноска Велјаница – Стојна, Велјаноски Гроздан, Велјаноски Велјан, Велјаноска Петра, Јанкоска Ѓорчејца – Благуна, нејзината ќерка Алтана и синот Трајан, Кармакоска Толејца – Мара и нејзините ќерки Благуна и Василка.

ПоЧинато исламското население

Јонузица, Мемиш, Марем, Фатима, Неџиче, Џемаила. Старата Мемишица со нејзиното дете Ќазим се премажила со Колевци и преживеала. Ќазим станал христов верник со врсниците Веле и Кире Колески. Со нив одел насекаде. Јадел свинско месо и другарувал со сите марулски деца. Откако со мајка му се иселиле во Турција во 1926 г. двапати доаѓал да се види со марулските другари.

Томе Велјановски – Марулецот

Гетеборг, Шведска.

Loading