ПОРУЧЕК, ПОЈАДОК, НЕ ДОРУЧЕК

ivce1По подолго време ни се најде в раце пиесата од Анотон Павлович –  Чехов –  “Три сестри“. Јазичните грешки не се малку, а потпишани се и прередувачот (од руски) и лекторот. Сега немаме намера да ги пребројуваме грешките. Ќе се задржиме само на еден збор, не поради тоа што овде го среќаваме повеќепати, туку и поради тоа што го слушаме и читаме мошне често и во други случаи. Станува збор за именката – ДОРУЧЕК. Ќе цитираме една реченица од споменатата пиеса: “Во салата ја поставуваат масата за доручек“. Има доста големо лутање околу употребата на овој збор. Дали треба ДОРУЧЕК, ПОРУЧЕК или ПОЈАДОК. Во Скопје редовно се користи – ДОРУЧЕК. Велиме во Скопје, а не велиме во скопскиот говор, зашто не сме сигурни дали отсекогаш било така или пак тој збор е преземен од српскиот јазик во некое поново време. Во српскиот јазик тој гласи ДОРУЧАК, а ние го “помакедончуваме“  и го правиме ДОРУЧЕК.

Во Македонија, не знаеме дали во сите делови, со таквото значење, е познат  зборот ПОРУЧЕК. Таа именка понекогаш има и поинакво значење. Се поистоветува со именката ПОПЛАДНЕ. Понекогаш се јавува дури и со прилошко значење, одговоара на прашањето КОГА. “Ќе дојдеме поручек кај вас“. Токму ваквите затврдени значења ја созадаваат забуната и затоа луѓето почнуваат да го избегнуваат зборот поручек како именка која означува утринско јадење. (Зозе Мургоски во својот Речник напишал дека именката ПОРУЧЕК е архаизам. Не се согласуваме) . Им се меша тоа на луѓето. Јадењето е наутро, а името му е ПОРУЧЕК, им се чини како да се случува тоа ПО РУЧЕКОТ, или ПОПЛАДНЕТО. Лутајќи ваму – таму, си најде и би рекле, се зацврсти зборот ПОЈАДОК. Можеби не е лошо тоа решение. Велиме “можеби“, зашто мислиме дека значењето не е баш прецизно. Човек може да појадува и во друго време од денот, а не само наутро. А од именката ПОРУЧЕК, како утринско јадење, не треба да се плашеме. Во ваквиот случај таа не означува јадење кое се извршува по ручекот, туку значи малку јадење, би рекле, мал ручек, мало ручање. Обично, утринското јадење е помалку отколку ручекот. Ручекот е пообилен. Затоа за утринското јадење би се рекло – ПОРУЧЕК, ПОРУЧУВАЊЕ. (Малку ручање). Постојат многу такви примери. Ако појде некој кај некого на гости да поседи извесно време, не долго, ќе речеме дека бил на ПОСЕДОК. Значи, нема да седи многу, ами малку ќе поседи. Исто како оној што јадел наутро. Не ручал многу, туку малку ПОРУЧАЛ, ПОКАСНАЛ. Глаголот ПОТРЧА, значи дека некој малку трчал. ПООДЕ, значи малку одел, ПОПЕЕ, значи малку пеел. Истото е и со ПОРУЧА. Малку ручал. Да нема забуна! Во ваквите случаи именката ПОРУЧЕК не го означува времето кога се извршило јадењето, туку го означува количеството на јадењето. А таквото јадење (ПОРУЧЕКОТ) е помало од ручекот. Не е РУЧАЊЕ, туку ПОРУЧУВАЊЕ, ПОКАСНУВАЊЕ, ПОЈАДУВАЊЕ.

Именката ПОЈАДОК си ја зацврстува својата позиција. И подобро е да се употребува таа отколку ДОРУЧЕК. Именката ПОРУЧЕК секако е најпрецизниот збор и луѓето не треба да се плашат и да го мешаат со другото значење – ПОПЛАДНЕ.

За овој збор одамна сме размислувале па дури и сме полемизирале за неговото значење. Преводот на пиесата “Три сестри“ од Чехов само не поттикна за овој напис. Чудно е, зошто и преведувачот и лекторот се определиле за зборот ДОРУЧЕК. Ако се плашеле од ПОРУЧЕКОТ, слободно можеле да пишат – ПОЈАДОК.

Уште нешто. Пред Велигденските празници прочитавме наслов во дневен весник. “Пред да излезе сонцето, домаќинките ги вапсаат првите јајца, на Величетврток“. Глаголот гласи ВАПСУВААТ, а не ВАПСААТ. Грешката се повторува и понатаму во текстот. Зошто? Исто, како за некои кои танцуваат да речеме дека ТАНЦААТ !

Глаголот е ВАПСУВА, а глаголската именка е ВАПСУВАЊЕ, а не ВАПСАЊЕ.

Значи, домаќинките ги ВАПСУВААТ јајцата пред изгрејсонце. Кога уште не се ПОРУЧАНИ. Пред ПОРУЧЕКОТ.

Loading