АНТИЧКИ КАМЕН, НАМЕСТО ЦРКВА

До селото Волково по асфалт

Со уредување се сочувува симболиката на светилиште на просторот каде волковчани палеле свеќи за здравје на камен уште од 19 век

Асфалтниот пат до новата црква Свети Спас не го засенува античкиот столб, туку ја збогатува атрактивноста на просторот

Hram i sveto mesto edno do drugo

Антички релјефен мермерен столб од околу еден ипол метар украсен со старомакедонска орнаментика е свето место крај гробиштата во селото Волково. Селаните пред повеќе од едно столетие го пренесле каменот крај селото, откако Турците им ја изгореле црквата. Така столбот им станал храм под ведро небо. Местото неодамна е покриено и оградено да сведочи за идните генерации, да се сочува симболиката дека жителите палеле свеќи за здравје на каменот уште од 19 век.

За познавачите на теренот со траги од античка населба, каменот е дел од некоја античка градба крај селото. Потврда се изведуваните археолошки истражувања во близината пред неколку децении. Но, просторот одамна е запоставен и зараснат во густи трње. Некои истражувачи сметаат дека мермерниот столб е извајан, според времето на градбата, во дорски стил. Тој бил дел од ѕидовите на изгорената црква и од остатоците на античкиот град Стибера кај селото Чепигово.

Според 49 годишниот Гоце Мијакоски, каменот треба да го овековечи местото дека локацијата е христијанска, а не паганска. И неодамна изградениот храм Свети Спас на ктиторите од семејството Георгиески во близината сведочи на исконскиот корен на православието.

Дека античкиот столб како мал обелиск крие чудо кажува легендата, пренесувана со генерации од колено на колено.  Жителот на селото кој живее во Прилеп, но изградил куќа на родното огниште, Петре Јосифоским објаснува дека слушал предание од неговите предци.     

Svetiliste od anticki kamen vo Volkovo - Mijakoski i Josifoski– На неколку стотина метри над каменот имало турска кула. Селскиот бег не можел да ги задржи затворени сурмињата на портата на кулата и ја потпирал со каменот, кој на жителите им бил светилиште. Еден ден каменот сам “отишол” на местото кај гробиштата, а бегот со рајата пак го качил да ја потпира портата. Утрината каменот се вратил на своето старо место. По неколку обиди, бегот го фатило шубе и поверувал во светата моќ на каменот. На селаните им ги скусил маките од секојдневното пренесување на столбот на оддалеченост од неколку стотина метри – кажува Јосифоски.

Последниве години триесетината жители ја посетуваат новата црква. А некогаш, каменот бил христијански свет дом. Тој бил шандан, на кој се палеле свеќи за Велигден, Божик, Духовден, Спасовден, Богородица, Свети Никола, Петровден, Илинден. Жителите ги остварувале верските чувсвта и ги негувале христијанските адети крај столбот каде биле поставени уште неколку камени плочи, кои служеле за маса за поставување на храна за раздавање во чест на починатите.

– Обредот бил да се запали првин свеќа на каменот, а потоа во камарата на гробовите. Затоа местото се заштитува од природни непогоди, од дождови и мразеви, од летни горештини. Послани се мермерни плочки со атрактивна бордура и е направена бетонско- лимена настрешница. Ќе се направи и пристап од патот. Се прави и трем со мала трпезарија. Комплексот со гробиштата ќе заличат, ќе се уреди со зелени површини и раскошна хортикултура со цветни градини. Стремеж е да се одбележи оваа епоха и оваа генерација да остави печат. Тоа се траги за наследство на нашите и идните потомци. Поколенијата треба да ги знаат корените за век и веков и да ја пренесуваат традицијата. Местото може да се претвори во верско културно обележје за привлекување на љубопитството не само на исселените жители и нивните наследници, туку и на странци – вели Мијакоски.

Според него, сонот да стане јаве има доста причини.

– Првата е новиот асфалтен пристап од неколку километри од градот до селото. Патната врска веќе ги мами старите жители да ги обноват домовите и да се вратат на родната грутка барем лете или во пензионерскиот период. Патот ќе ја спречи миграцијата. Во селото има неколку деца, а со пристапноста не е исклучено некои да се вратат да завијат бизнис во некоја гранка, како што е сточарството или земјоделството. Селото располага се водоводна мрежа и каптиран извор. Во близината се и двете мали акумулации за наводнување. Со село со луѓе се прави и туризам со оригинална понуда. Плус, сопствениците на месната индустрија Марфил изградија прекрасна црква и камбанарија. Осветениот храм е живописан со фрески, поставен е олтар со икони. Дверите се отворени секоја недела, а за празници свештеник држи литургии. Патот ја симна темнината и отвори видело за селото – кажува Мијакоски.

Јунското сонце запекува од југ. И темни облаци надвиснуваат над Пелагонија. Се белеат стада со овци на зелените сочни ливади околу Волково. Угичите со звуците на кавалот и ехото на клопотарците даваат знак дека надежта не исчезнува. 

Loading