НАГРАДИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Три дами се добитнички на годинешните награди за животно дело на фестивалот – актерките Сабина Ајрула – Тозија и Елхаме Билал, како и театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова. Она што го добил македонскиот театар од овие три дами е пред сѐ, искрена љубов и посветеност, исклучителна способност за поместување на естетските потенцијали, верност и долгогодишна соработка.

Sabina AjrulaСабина Ајрула – Тозија  – актерка

Актерката Сабина Ајрула е познато име на македонската театарска сцена, како и истакната актерка во повеќе телевизиски и филмски продукции во и надвор од земјата. Препознатлива по својот актерски физикус, вонредниот талент и работа посебни во секоја улога, таа создавала и создава редица ролји по кои ја препознава публиката. Без разлика дали станува збор за улога во детска претстава, на целовечерна претстава на матичната сцена, некое гостување, или филмска и телевизиска ролја, Сабина Ајрула создава на ист начин – искрен, внимателен, посветен, едноставно човечки топол и непосреден. Една од улогите кои придонесоа да се истакне како сериозна актерка комплетно фокусирана на пренесување на актерската колоритност што ја поседува е и улогата на Мајка Тереза, во претставата Светица на темнината од Венко Андоновски, во режија на Нина Николиќ (МКЦ, 2011). Нејзиниот опус брои повеќе од 70 театарски ролји со кои настапувала и на познатите театарски фестивали во земјата и надвор, како што се Дубровничките летни игри, Охридско лето, МТФ Војдан Чернодрински – Прилеп, на фестивалите во Шибеник, Каракас, Стеријино позорје – Нови Сад, МЕСС и многу други. За своите актерски креации наградена е неколкупати.

Elhame BilalЕлхаме Билал – актерка

Актерката Елхаме Билал е респектабилно име на Албанскиот театар од Скопје. Актерка со големо и долгогодишно искуство и на театарските сцени, и во телевизиските и филмските продукции. Нејзиниот актерски потенцијал го препознаваат големиот број режисери со кои таа соработувала. Во обемниот актерски опус, таа вбројува соработка со редица реномирани режисерски имиња од домашната и меѓународната театарска сцена. Нејзината актерска естетика се темели на сериозна посветеност во работата и пренесување на искуството стекнато со долгогодишната работа. Таа е актерка која внимателно го негува својот однос кон театарот, прецизно дефинирајќи ги улогите што ги создава, посветена кон задачите и фокусирана кон заедничката, колегијална креација. Создавањето на ролји на неколку јазици, креирањето на ликови од различни профили, прават од Билал актерка каква што секој театар или филмска екипа може да посака да ја има во својот ансамбл. Елхаме Билал е исклучителен креативец, со широк спектар на создадени ликови по кои ја памети и критиката и публиката.

Liljana MazovaЛилјана Мазова – театарска критичарка и публицистка

Лилјана Мазова е една од ретките авторки во нашата земја која повеќе од четириесет години активно го следи театарот и пишува за него. Нејзината посветеност и професионалност е конзистентна во нејзината мисија – да биде постојан придружник на театарот и во истиот да верува, да го бодри и да навива за него. Таа е најупорниот и најревносниот проследувач, критичар, коментатор на македонската театарска уметност, со мошне широко значење и надвор од границите на нашата земја. Од 1971 до 2004 година работи во дневниот весник „Нова Македонија“, како новинар, театарски критичар, колумнист, коментатор, уредник. Перманентно објавува театарски критики и текстови од областа на театарот во повеќето наши весници и списанија, како и во голем број од списанијата за театар и култура низ сите држави на Балканот и пошироко. Освен респектабилниот број на над 10.000 објавени библиографски единици, таа е автор на голем број авторски книги или е дел од тимот на повеќе значајни монографии, на кои се јавува како приредувач и уредник. 

Loading