ЧАТЛЕСКИ ВО СКОПЈЕ

 Drevniot son na Catleski pred skopjani

„Древниот сон“ е насловот на тематската изложба од 90 слики од уметникот Тони Чатлески што ќе биде отворена на 1 јуни во Националната галерија на Македонија – Мала Станица во Скопје. Тој го презентира уметничкиот дострел од минативе неколку децении, обележани со различни приоди и форми изразени преку сетилната сензација и интелектуалниот ангажман.

– Чатлески бара одговори за смислата на животот, каде е евидентно прочистувањето на визуелната палета и филозофијата за сопственото постоење и животот пренесени низ призмата на надреалноста на сонот. Тој ги презентира сите интимни состојби кои го провоцираат на креативен чин. Се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи мега ризница на минатото. Формира испрекината линија со јасно оцртани тематски и стилски целини (фовистички, експресионистички, апстрактни, асоцијативни итн). Специфичноста се должи на природата и темпераментот на уметникот, на мотивите со личен карактер и строга детерминираност од одделни случувања во животот. Уметникот преку реалноста на сонот свесно или несвесно креира свои микро светови, учествувајќи во создавањето на реалноста на живеењето – вели Горанчо Ѓорѓиевски.

Сликарството на Чатлески припаѓа на уметноста која со транспозицијата на сонот во слика преку визуелизација на митолошките приказни, архетипските тотеми и надреалните сознанија на човековиот дух открива еден магичен свет што егзистира според принципот на поврзување на неспоивото во контекст на просторно-временската димензија и на метафизичкиот израз во кој, како што вели Платон, сите нешта се сенка на вечната идеја, кои само се во беспредметната и безвремената сфера. Наклонет кон нарацијата, алузијата, па и анегдотите, тој на чудесен начин обликува мистериозен, магиски и ирационален универзум, оживувајќи ги непреодните вредности на богатото цивилизациско наследство.

Loading