МНОГУ СПЕЦИЈАЛИСТИ – МНОГУ ГРЕШКИ

ivce1Илјадници мигранти стационирани во Идомени во Грција, близу до нашата граница. Новинарот ни ја објаснува состојбата. Студено, врнежливо, кал и вода низ шаторите. Нечистотија. И, вели новинарот: “Од грчката страна се шири нечиста реа”. Нечиста РЕА! Каква ли е таа РЕА, и што значи всушност тој збор. Реа е миризба, обично непријатна, би се рекло – смрдеа. Ете, новинарот вели – “Нечиста реа“. Ако се нагласува тоа дека се ширела нечиста реа (смрдеа) значи има и некоја РЕА што е чиста. Грешка е тоа на новинарот. Доволно е да се каже дека се шири РЕА без да се вели дека таа е нечиста. Интензитетот на реата (или смрдеата) се дообјаснува, се искажува со тоа што се вели дека е силна, посилна, послаба, а никако не со ЧИСТА или со НЕЧИСТА. Нечистотијата што била во кампот создава РЕА, која е непријатна, а не НЕЧИСТА.

Во многу случаи, во телевизиските емисии гостуваат специјалисти од разни области. Обично тоа се доктори, магистри, универзитетски професори… Кога ќе се погледнат профилите на тие личности веднаш се наметнува претпоставката дека тоа се луѓе кои најдобро го познаваат нашиот литературен јазик. Практиката го демантира тоа. Чуден и жалосен е тој факт. Ако не од нив, тогаш од кого ќе бараме да го знае нашиот јазик ?!

Висок политичар од областа на образованието, зборува за проблемите и предностите во образовниот процес. Во еден момент употребува ваква реченица: “Најголемата карика во образованието“… Зошто тој господин ја употребува именката КАРИКА. Тој збор е непотребно навлезен во нашиот јазик. Кај нас тоа е АЛКА. Не се сеќаваме на целосниот склоп на реченицата, но тоа и не е важно. Чудна е употребата на зборот КАРИКА. Оваа грешка сме ја слушале и од други луѓе, но човек од тој профил не смее да го прави тоа. Човек од областа на образованието, во моментов висок политичар, со повеќе кратенки пред своето име, треба да има многу, посериозен однос спрема јазикот.

Друг специјалист, од областа на агрономијата, зборува за временските услови и нивното влијание врз овошките и лозјата. Објаснува какви последици можат да имаат високите температури во февруари, како годинава. Во март температурите беа пониски. Тој вели дека таквото нешто го успорува и го забавува цветањето. Значи, цветањето ем се УСПОРУВАЛО, ем се ЗАБАВУВАЛО. Каква е разликата меѓу овие два збора? Тие имаат сосема исто значење. Разликата е единствено во тоа што едниот е наш а другиот е туѓ. Глаголот УСПОРУВА не е наш. Како што не е наша и придавката СПОРО. Нашиот збор е БАВНО, па од тука и глаголската именка ЗАБАВУВАЊЕ и глаголот ЗАБАВУВА. Инженерот, во понатамошното излагање го повтори зборот УСПОРУВА. А зошто, во почетокот ги употреби и двата? Веројатно тој мисли дека треба,  дека точното е да се употребува СПОРО (успорува), но, ете, по грешка, еднаш го употреби и македонскиот збор ЗАБАВУВА!

Фудбалска средба меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Спортскиот коментатор од нашиот национален сервис, изнесува статистички податоци за досегашните резултати на двата тима. Претходниот натпревар го добил Ливерпул на својот терен. Сега, навијачите на Манчестер Јунајтед очекувале убедлива победа. Нашиот глагол гласи НАВИВА, а тој што навива, логично е  да се рече дека е НАВИВАЧ. Зошто нашиов долгогодишен коментатор не вели НАВИВАЧИ туку НАВИЈАЧИ. Тоа е толку едноставно и јасно. Но, овде сепак нешто не е јасно! Не е јасно како е можно долгогодишен спортски коментатор да прави вакви грешки. А кога сме кај спортските коментатори еве ќе ја споменеме и редовната грешка. Што им стана, па сите наместо гол велат погодок. А гол и погодок не е исто. За да биде гол, топката треба да влезе во мрежата. А фудбалерот може да го погоди вистинското место, вистинскиот агол, но голманот одбранил.

Значи играчот погодил, но тоа не е гол. Истата вечер слушнавме дека Барселона победила со два – нула и дека двапати ПОГОДИЛ Меси. Тоа не е точно. Меси можеби погодил и повеќепати на точното место, но постигнал само два ГОЛА, а не ПОГОДОЦИ.

Кога ќе почнеме да го гаѓаме вистинското?!

Loading