Стојан Дурланов, уметник
„Откривање на нови светови“ или „Андромеда галаксија“ е тематската изложба од 23 дела – објекти, скулптури, слики и графики со која првпат се претставува уметникот Стојан Дурланов во родниот град. Тој презентира дела што ги создал во последните години и ќе дозволи како што самиот потенцира публиката да се соживее, односно да се втопи во нив.
– Во Андромеда галаксија секое дело е како прозорец кон некоја друга реалност. Секој ќе може различно да доживее. Инспирација ми беа девојката, галаксијата, непознатото, напредокот на технологијата, научната фантастика – вели Дурланов.
Објаснува дека уметноста уште стагнира и тапка в место.
– Уметниците уште се инспирирани од експресионизмот и импресионизмот. Ретко кој се осмелува да излезе и експериментира надвор од границите на досега познатото – додава уметникот.
Дурланов е ликовен педагог во училиште со диплома на ФЛУ во Скопје на одделот графика со графички дизајн. Ова му е прва самостојна изложба, а досега имал повеќе групни изложби. Добитник е на многу признанија и награди.