БОЛКА, БОЛЕСТ, БОЛЕДУВАЊЕ

ivce1Следиме некаква телевизиска програма, а на долниот дел од екранот тече текст со разни соопштенија. Во еден момент прочитавме: “Брајан Ји претстојува во Македонија”. Грешка што не смее да се дозволи. Голема е разликата помеѓу зборовите ПРЕТСТОЈ и ПРЕСТОЈ. Брајан Ји ПРЕСТОЈУВА во Македонија. Значи дека тој ќе биде извесно време. Станува збор за неговиот ПРЕСТОЈ во Македонија. Тој ќе остане извесно време во нашава земја, ќе ПРЕСТОЈУВА а не ќе ПРЕТСТОЈУВА. Во прашање е само една буква, но разликата е голема. Во конкретниов случај, глаголот СТОИ има префикс “пре” и се добива ПРЕСТОЈУВА а именката е ПРЕСТОЈ. Ќе повториме – Брајан Ји ПРЕСТОЈУВА.

Ако на глаголот СТОИ има префикс “пред” работата е поинаква. Кога имаме таков префикс (“пред”) поради едначењето по звучност тоа преминува во “прет”, се добива глаголот ПРЕТСТОИ. Значи, нешто ќе ПРЕТСТОИ, нешто се очекува, нешто треба да се случи. Ете така. Ако некој се задржува или останува во некое место, тој ПРЕСТОЈУВА. Ако треба нешто да дојде, тогаш тоа ПРЕТСТОИ. Разликата е очевидна.

Многупати ги спомнуваме универзитетските професори. Тоа не можеме да го одбегнеме зашто во многу емисии гости се токму тие. Еве и уште еден таков случај. Гостин во емисијата од една телевизија е универзитетски професор. Зборува тој за некаква програма, која очигледно нему не му се допаѓа. Во еден момент вели: “Програмата е накарадна”. Досега не сме чуле тој збор да го употребува некој на официјално место. Тој не е навлезен во нашиот јазик. Го нема во ниеден наш речник. Го има во Српско – македонскиот речник. Објаснето е дека на македонски би значел – грозотија (човек), гнаса (човек ), наказа, карикатура. Го сретнавме и во Речникот на странски зборови и изрази (хрватски) , од Братољуб Клаиќ. Таму ги има, речиси, истите толкувања, и уште и тоа дека НАКАРАДА значи и невкусно подготвена и изведена работа. Потеклото на зборот е италијанско. Во српскиот јазик тој збор влегол и се зацврстил како норма. Кај нас не е и не треба да се користи. На професорот не му се допаднала програмата, но тој можел да најде и во нашиот јазик збор со некое такво значење. Можел, едноставно да каже дека програмата не е добра. Но, тој со тоа не се задоволува, сака да најде некој погрден, омаловажувачки збор. Го одбрал токму тој што не треба. Можел да рече дека програмата е ГРОЗНА, НЕДОКВАКАНА, НЕИЗДРЖАНА, НЕОБМИСЛЕНА, или којзнае уште како. Тој го одбрал зборот НАКАРАДА и со тоа го “накаради” своето излагање и образложение.

Емисија од областа на медицината со присуство на доктори. Гледачите се јавуваат, поставуваат прашања. Водителката се заблагодарува, а докторот одговара. Стануваше збор за шеќерната болест. Одговара докторот на прашањата и во еден момент забележавме ваква реченица: “Пациенти кои болуваат од дијабет”… Македонскиот глагол гласи – БОЛЕДУВА, а не БОЛУВА. Именката е БОЛКА, а не БОЛ. Именката БОЛ е одбележана само во Тритомниот речник, но со упатување на БОЛКА. Значи, нормата е БОЛКА. БОЛ може, и сме ја сретнале некаде, во некои литературни творби од областа на поезијата. Единствено таму може да се употреби поради ритамот и римата, ако е неопходно. Сме ја слушале (погрешно) и во некои наши новокомпонирани песни. Глаголската именка БОЛОВАЊЕ ја слушаме многу, многу често. Ја слушаме и од докторите и од пациентите што го добиваат тоа – БОЛОВАЊЕ. За чудо, го слушаме и во телевизиските емисии.

Да резимираме. Именките се БОЛКА и БОЛЕСТ, глаголската именка е БОЛЕДУВАЊЕ, а глаголот е БОЛЕДУВА. Именката БОЛЕСТ може да се употреби и во други области, не само во медицината.

Во нашиов јазик, таа болест е хронична. 

Loading