– Жените ги прават мажите к’сметлии, а мажите, жените
Дали среќата е само некаков поим, или чувство, или можеби доживување? Дали сте ја пробале и како се манифестира, или со кој, во што или во колкав интензитет? Ако некој каже дека е задоволен и исполнет, дали е и среќен? Исто ли е чувството на задоволство и среќа? Задоволството е ситост како после вкусно парче торта. А среќата е задоволство како да се голтнало парче сонце. Чудесно.
Прашањето е што е среќата. Дали е тоа она прекрасно чувство кога саканиот е во рацете? Или можеби некој врисок кога победува омилениот тим? Некои среќни ги прави успехот, богатството, природата, семејството, животот во сите свои и најмали варијантни. И љубовта… И ситни задоволства се запишуваат во мозочните бразди како среќа. Среќата е чувство кое се посакува да трае вечно.
Поголема среќа од децата нема за Душица Лузоска.
– Децата! Шеткањето, играњето со нив, па и готвењето. Нивните први зборови, првиот чекор. Не дека за среќа не се битни и парите, но не толку многу колку децата. Сепак не се може без пари – вели Лузоска.
За Бобан среќата е складноста, причинско-последична врска.
– Сé е релативно. Љубовта исполнува, но кога ќе ја имаш, тогаш те исполнува нешто друго. Последователно на желбите, отворена е вратата и на среќата, но секогаш и секаде треба да се држи споредна, оти таа доаѓа само со нешто друго – кажува Бобан.
За Митре Драгутиноски, пријателите котираат меѓу највисоките точки на извор на среќа.
– Фамилијата. Времето поминато со нив, особено заедничките собири дома. Среќа е и да се биде во друштво со пријатели. Дружењето, другарувањето, излегувањето по кафулиња – вели Драгутиноски.
Алајдин Узеироски среќата ја бара во духовното.
– Некои се среќни со пари, имот, богатство, а јас најмногу сум среќен да го имам Бога и здравјето. Тоа е најбитно – вели Узеироски.
Не е реткост, па и чудно, што многумина среќата ја гледаат во очите на најблиските. Низ призмата на љубовта кон сопругот до децата.
– Љубовта кон детето носи среќа. Блескавата среќа е непредвидлива и се совпаѓа со кругот на најблиските – вели Маријана Коркоска.
– Сопругот, сите оние мали и големи нешта што ги прави за мене. Грижата и љубовта со кои секојдневно ме исполнува – додава Викторија Николоска.
– Фамилијата. Сопругот, сопругата. И децата, пред сé – велат сопружниците Елизабета и Николче Попантоски.
– Жените ги прават мажите среќни, а мажите, жените. Тоа е врзано – кажува Трајче Трајкоски.
За други, среќа е туѓата среќа.
– Среќата и здравјето на блиските – Марина Талеска
– Среќна сум кога сите се среќни. Најмногу се радувам кога ќе усреќам некој друг, оти кога лично ќе му овозможиш на другиот да биде среќен, макар и накусо, тоа исполнува со среќа и задоволство – вели Наташа Ѓорѓиовска.
Постарите, со богато животно искуство, во третата доба особено се радуваат на внучињата.
– Внучето се разбира. Се шеткаме, да растеме заедно. Тоа е богатството и среќата во животот. Другото е минливо, колку по вода да оди – кажува Љупче Попоски.
– Внучињата. Убаво врви времето со нив. Тие се извор на среќа. Тие се наш кислород што го продолжуваат векот – вели Благоја Колароски.
Често велат “Парите го вртат светот”. А за Дарко Тодороски, парите ја придвижуваат среќата.
– Ништо не ме прави среќен, освен парите. Со пари си среќен, а без нив туѓа е среќата – кажува Тодороски.
“Патот околу светот” е сонот за среќа на Кико Марковски.
– Да патувам е среќа. Не верував, не спремен за интензивно доживување на среќата, кога бродот на чија палуба стоев, се отргна од копното, ме понесе такво чувство на слобода, што не можев да го примам во себе. Големо откритие, силна среќа. Среќа е да патувам на тропските земји, а таму да возам мотори – кажува Марковски.
Среќата не се предвидува. Тоа е магијата. Но, се вели дека “секој е ковач на сопствената среќа”. Состојбата на среќа е трајноста на блескавите моменти. Патот до среќата не се открива, туку патоказот доаѓа без најава со стремежот да се допре фантазијата, која е околу нас и треба само да се препознае.
![]()

