СВЕТО ПРЕОБРАЖДЕНИЕ (!)

ivce1Се обновиле манастирските конаци во Зрзе. Се асфалтирал и патот. Ни објаснува новинарот од една наша телевизија и за други поединости. Се создавале услови за манастрискиот туризам. Ни го кажа новинарот и името на манастирот. Се викал СВЕТО ПРЕОБРАЖДЕНИЕ. Повторуваме – ПРЕОБРАЖДЕНИЕ. Да ја разгледаме малку оваа именка. Има наставка – “ние”. Не се многу такви именки во нашиов современ литературен јазик. Тие се добиваат од свршени глаголи: РЕШИ – РЕШЕНИЕ, ИЗДАДЕ – ИЗДАНИЕ и така натаму. Сите тие се чисто литературни форми позајмени од бугарскиот и од рускиот јазик или наследени од нашата црквенословенска традиција. Знаеме дека голем дел од црковните празници и сега имаат таква форма. Такви се на пример: ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО, ОБРЕЗАНИЕ ХРИСТОВО, СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО и многу други. Значи, од глаголот (свршен), ВОЗНЕСЕ имаме ВОЗНЕСЕНИЕ, од ОБРЕЗА – ОБРЕЗАНИЕ и други такви. Рековме дека таквите именки не се многу а наставката “ние” веќе не е продуктивна во нашиот јазик. Да речеме, од глаголот СРЕТЕ ние сега би рекле СРЕДБА, но ете празникот си останал СРЕТЕНИЕ. Прашањето на наставките “ние”, “тие”, “ие” е доста широко и речиси комплицирано. Не сакаме да навлегуваме во тој лавиринт од кој не ќе можеме да излезиме лесно. Не чувствуваме таква моќ да го образложиме тоа и да го сведеме на една едноставна, прифатлива и разбирлива форма за сите.

Повод за денешниов напис ни беше погрешното изговарање на зборот ПРЕОБРАЖЕНИЕ. Знаеме дека тоа е празник кој се одбележува на 19. август. Тој е еден од поголемите христијански празници. Според Библијата, на тој ден Христос ги повел со себе тројцата апостоли (Петар, Јаков и Јован) и ги одвел на планината Тавор. Апостолите уморени, заспале. Исус почнал да се моли, лицето почнало да му свети како сонце, а облеката му станала бела како снег. Тогаш се појавиле и старозаветните пророци Мојсеј и Илија. Толку за ова. Да се вратиме на именката ПРЕОБРАЖЕНИЕ. Тоа е именка добиена од свршениот глагол ПРЕОБРАЗИ, значи ПРЕОБРАЖЕНИЕ.

Многу наши припрости бабички порано, а и сега, наместо ПРЕОБРАЖЕНИЕ, велат ПРОБРАЖЕЊЕ. Некои велат ПРОБРАЖДЕЊЕ. Ајде, на таквите бабички (и не само ним) може да им се прости за грешката. Но, може ли во инвентарот на тие бабички да го евидентираме и нашиов новинар, од една од нашите најгледани телевизии?! Првиот пат кога ни ја објаснуваше ситуацијата за манастирот во Зрзе, мислевме дека можеби случајно направи грешка. Но, потоа грешката се повтори уште неколку пати. Наместо ПРЕОБРАЖЕНИЕ, новинарот упорно употребува ПРЕОБРАЖДЕНИЕ. (Прости му Господи!) Како е можно, новинар, во денешно време да прави ваква грешка?! Како може да не му е јасно потеклото на именката ПРЕОБРАЖЕНИЕ?! Како може да не знае дека таа е добиена од свршениот глагол – ПРЕОБРАЗИ?! Христос се преобразил. Во денешново време, во денешниов наш литературен јазик, таквото дејство, таква појава, би ја нарекле ПРЕОБРАЗБА. Но, рековме дека најголемиот дел од христијанските празници ја задржале таа старословенска форма. Значи, од ПРЕОБРАЗИ имаме ПРЕОБРАЖЕНИЕ (“з” преминува во “ж”).

Што ли му значи на новинарот зборот ПРЕОБРАЖДЕНИЕ? А мора да се признае дека не е само тој што прави вакви или слични грешки. На пример, за црквата “Свето Благовештение” во Прилеп, сме слушнале да се вели “Свети Благовештение”. Не се размислува дека именката БЛАГОВЕШТЕНИЕ е од среден род, па според тоа, треба СВЕТО, а не СВЕТИ. Меѓу обичните луѓе често слушаме – “Свето Враче”, наместо “Свети Врачи”. Има и други слични грешки.

Рековме дека на обичните луѓе може и да им се прости. Но новинар, кој го зел перото или микрофонот в раце, не смее да вели ПРЕОБРАЖДЕНИЕ.

Очигледно, на таквите новинари потребна им е вистинска ПРЕОБРАЗБА.                      

Loading